Чистка во Кривичниот суд: Предметите на СЈО не смеат да паднат в раце кај „непослушни” судии

by fokus

Бура од реакции и негодувања во Основниот суд Скопје 1 предизвика прераспределбата на повеќе од дваесет судии, кои од необјаснети причини се најдоа на пониски позиции. Најголем дел од нив имаат долг стаж во Кривичниот суд, а казнети се и сите оние кои се осмелиле да одобрат некое од барањата на СЈО или пак јавно се пожалиле од работата на судот.

Најударно е името на судијката Весна Димишкова, која на  СЈО му одобри претрес во УБК и во станот на Коста Крпач. Наместо во претходна постапка таа сега ќе суди премети со малолетници.

Од позицијата судија во претходна постапка е остранета и Славица Андреевска која му одреди притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески. Таа сега ќе суди во Кривичниот оддел и тоа на стари предмети.

Настрадале и сите 13 судии кои поднесоа петиција против експретседателот на судот, Владимир Панчевски и кои потоа беа викнати да дадат изјави и во Судскиот совет.

Оваа, како што ја нарекуваат, чистка во судот е на наредба на в.д претседателката Татјана Михајлова, која според прераспределените судии, ги минира судството со цел предметите на СЈО ни случајно да не им паднат во раце.

За апсурдот да е уште поголем, наспроти казнетите судии, наградена е судијката Лидија Петровска, од бомбите позната како „сваровски судијката“, која го води судскиот процес на СЈО против ексначалникот на УБК Горан Грујовски. Таа од кривичниот оддел за предмети по новиот ЗКП, преместена е до Панчевски, во организиран криминал.

Од скопскиот Кривичен суд велат дека распоредот и преместувањата се право на претседателот на судот и дека не е вистина дека критериум било поведението на овие судии во врска со СЈО или нивните јавни критики.

Поврзани новости