Четири години затвор за насилникот кој ја влечеше Шекеринска за коса

by fokus 13:08
13:08

Насилникот, 65-годишниот Панче Ангелов, од крвавиот четврток кој ја влечеше Радмила Шекеринска за коса доби затворска казна од четири години, пресуди Кривичниот суд.

Судијката Џенета Бектовиќ појасни дека при одмерување на казната ги ценела сите олеснителни, но и отежителни околности напоменувајќи дека за ова кривично дело е предвидена затворска казна од три до десет години.

Како олеснителна околности на обвинетиот му се сметаше тоа што е во поодмината возраст, 65 години, и до сега не сторил ниту едно кривично дело. Исто така во прилого му одеше и тоа што го призна делото и се извини.

- Advertising -

Меѓутоа како што истакна судијката во значителен дел преовладувале отежителните околности истакнувајќи дека кривичното дело било извршено на дрзок начин, дека било извршено во највисокиот законодавен дом, нападнатите Шекеринска и Зоран Заев биле во тој момент пратеници, но и додаде дека целиот овој кривичен настан предизвикал страв и вознемиреност кај целокупното македонско население бидејќи настаните од 27 април беа пренесувани на речиси сите медиуми.

Судијката додаде и дека со одредената казна ќе се постигне целта на казнувањето, односно обвинетиот во иднина нема да се осмели да стори слично кривично дело, а оваа казна превентивно ќе влијае и врз останатиот дел од јавноста.

Обвинетиот Панче Ангелов сега има право оваа пресуда да ја обжали пред Апелациониот суд.

Валентина Вумо

Поврзани новости