Честитки за Георгиевски: Ти си нашиот олимписки херој

by fokus

Успешниот настап и освоениот сребрен медал на таеквондистот Дејан Георгиевски на Летните олимписки игри во Токио на Фејсбук му го честиташе претседателот Стево Пендаровски.

– Сребрениот вреден како злато. Дејан, ти си нашиот олимписки херој. Твојот успех е историски за Северна Македонија, напиша шефот на државата.

На својот фејсбук-профил успехот на македонскиот олимпиец му го честиташе и министерот за натрешни работи Оливер Спасовски, кој напиша дека со освоеното сребро Георгиевски и донел на државата голема радост и чест.

-Одличен настап кој ќе продолжи да ги инспирира генерациите во иднина да вложуваат во спортот, да целат кон највисоките врвови и да го обединуваат нашиот народ со бројни победи, напиша министерот Спасовски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Фејсбук напиша дека ова е историски резултат и дека заслужни за успехот на Георгиевски се и браќата Дарко и Борче Костовски кои, како што вели, „во Дејан гледаа и заеднички направија шампион“.

– Дејане, шампионе, донесе радост на Македонија. Вака се сака и брани црвено жолтата, со чест, со одлучност и достоинство. Денес таеквондо Бутел се радува, Македонија може да слави, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Дваесет и двегодишниот Дејан Георгиевски попладнево освои сребрен медал на ЛОИ Токио 2020 откако по голема борба во финалето во категоријата над 80 килограми загуби од Русинот Владислав Ларин.

Поврзани новости