Маја Васева

Кога слушавме како деца дека се зборува за хаваријата во Чернобил, секогаш ни велеа дека причината била човечка грешка. Дури сега ја сфаќам смислата на тие зборови. Никогаш не велеа дека е грешка на заменик главниот инжинер, Анатолиј Дјатлов, кој го надгледувал тестот што доведе до катастрофата, ниту дежурните оператори кои биле на смена таа кобна вечер, туку секогаш човечка грешка. Во тоа време не се ни споменуваа дизајнерите на советските нуклеарни централи. И навистина за катастрофата е виновен човекот.

Телевизиската мрежа HBO повторно ја извади на насловни страни несреќата што се случи пред 33 години, а исто како да се случила пред три дена. Мини серијата ја воодушеви публиката низ светот, а особено гледачите во поранешните комунистички земји, кои гледаа како на екраните воскреснува минатото во кое живееле. Познатите пепелници, штурите кабинети и ходници со ѕидови од иверица, комунистичките згради, игралишта и дворови. Се она што дишеше во идеологијата на економичниот комунизам.

Во Македонија и овој пат, како и во 1986 година, тоа поминува неприметно. Да не беа социјалните мрежи никој немаше да знае дека серијата го запали чкорчето и меѓу нас. Сепак јавниот дискурс продолжува со секојдневните теми и дневни настани. Како новинар и сама себе се прашувам зошто продолжуваме да ги следиме случувањата дома со толкава манија, кога на едно место времето застана и се уште стои. Сѐ е тривијално во споредба со тоа што се случило и последиците кои ги предизвикало. Но индиферентното мнозинство продолжува со животот како ништо да не се случило. Дури и сега кога сите информации ги имаат пред очи, луѓето продолжуваат со истите дебати, не посветувајќи време на ова прашање.

Имам чувство како целата цивилизација да не може ја прескокне јамата и да се најде на другата страна од случувањата. Како да сме заробени во зоната која се уште се справува со контаминацијата и дека тоа е нашата пропаст.

Серијата е најуспешниот приказ до сега, а сепак не е доволно успешен. За да се сфати суштината на она што се случило потребно е да се види во последиците неколку години потоа, па дури и денес, додека серијата ни покажува што се случувало само првите месеци.

Тоа е мала ситница во морето од значења што ги остави зад себе хаваријата на четвртиот блок од електраната во Чернобил.

Сепак, серијата испушта и еден друг аспект. Епизодата со убивањето животни згрозува на поинаков начин од останатите и раѓа чувство на поразлична емпатија, која овој пат не е помешана со револт. Ќе си речеме „жално е што убивале животни“, и тука ќе застанеме. Објаснувањето дека го прават тоа со цел да ги спречат животните во ширење на контаминацијата, како да е доволно за нас. Но тогаш зошто не убивале и луѓе? Оваа мисла, од друга страна, предизвикува револт, затоа што секој човек се буни на неправедно одземениот живот.

Така неправедно е одземен животот на сите други невини суштества кои живееле на почвата, во неа и во воздухот во радиус од неколку километри од Чернобил. Нивните живеалишта, нивната генетска структура, нивните поколенија биле неповратно уништени, исто како кај луѓето.

Овој сегмент од случувањата може да се разбере преку сведоштвата раскажани во книгата „Чернобилска молитва“, во авторство на белоруската новинарка и писателка Светлана Алексеевич.

Сведоштвата во книгата покажуваат дека луѓето, кои се нашле во забранетата зона, се фаќаат во стапица дека не можат да си објаснат што се променило по катастрофата. Чувството ги наведува кон животинскиот свет. Еден човек гледал колона со мравки и вели дека само тоа го запамтил од целиот хаотичен ден, друг опишува како кучињата и мачките изгубиле ориентација и се движеле зашеметено, трет како на коњите им течат лиги, четврт како птици се удираат од шовершајбните.

Овој пат не потеклото, туку историјата на останатиот жив свет како да почнува да се пишува за прв пат. До сега бевме преокупирани со историјата на луѓето, опседнати со нашето минато, со тоа колку луѓе, каде и кога загинале, се мачале и се жртвувале. Никогаш не се вброени во тоа и страдањата на другите животни.

Не се ни сега, но луѓето кои биле таму се сеќаваат дека помислиле на ова, дека ние сме само мал дел од животинскиот свет кој неповратно сме го уништиле.

Сме им ја одзеле планетата на сите други суштества и треба ли да бидеме казнети за тоа? Треба ли некако да им се искупиме?

Чернобил тука ги руши сите наши концепти за живот каков што го перцепиравме и за уредувањето во какво што живееме. Потфрла нашиот систем на вредности, кој не може да го опфати тоа што се случило. Кој суд ќе не суди за тоа што му го направивме на светот околу нас?

Но живиот свет нема правен систем и судници, тие не го разбираат концептот за правдата, кој нема примена во овој случај. Вредностите кои сме ги граделе илјадници години и врз кои почива нашето општествено уредување, во овој случај немаат никаква смисла. Тоа најмногу збунува со Чернобил. Големата трагедија, која нема соодветно голема казна е тоа што не збунува и не остава без тло под нозе. Виновни сме, но пред кого ќе одговараме?

Светот се промени. Тоа е тешко да се сфати и делува како излитена фраза. Но погрешно се чита доколку така. Не се промени само нашиот свет, нашиот светоглед, меурот во кој живееме, туку  се промени светот кој постои, се промени ова парче од универзумот, каде не живееме само ние, туку сме само еден од видовите. Ова не е грешка од која може да научиме нешто, ова е грешка која го промени редот на нештата.

Ние го променивме тој свет, и не на подобро како што не учеше хуманизмот, кој го ставаше човекот во центарот на универзумот, туку, на полошо. Го уништивме. Наместо живот, створивме смрт.

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.