Чернева: Софија е целосно сама во спорот со Скопје

by Fokus

Бугарија е целосно сама во спорот со Северна Македонија, нејзините позиции се нерзбирливи за другите членки на ЕУ, што ја става во групата проблематични земји, како што се Полска и Унгарија, оценува Весела Чернева, заменик директор на Европскиот совет за надворешни односи и директор на Канцеларијата во Софија.

– Нашиот спор со Северна Македонија има два аспекта – прво, ние ги сведовме соседските односи и дијалог на историски спорови, што е само по себе неприфатливо во процесот на преговори, и второ – ветото не стави во аголот на проблематичните земји на ЕУ, како што се Полска и Унгарија, изјави Чернева за Блумберг ТВ Бугарија.

Според неа, Софија остана неразбрана од партнерите во ЕУ и е оставена сама во спорот со Скопје

– Ако ги оставиме настрана нашите односи со соседите, кои во моментов се наоѓаат на многу ниско ниво, Бугарија стана неразбран партнер за сите земји на ЕУ. Затоа се осмелувам да кажам дека сме оставени сами во спорот со Скопје, вели Чернева.

Таа посочува дека последиците од бугарското вето на евроинтеграцијата на Северна Македонија ќе бидат директни и Софија повеќе нема да може да смета на соработката и на разбирањето од страна на Брисел.

– Фондот за обнова, Зелениот договор и трансформацијата на бугарскиот енергетски сектор зависен од јаглен се фактори на кои им е потребна помош од ЕУ. Но, по нашето „не“, барањата и желбите на Софија ќе бидат глас во пустината, смета Весела Чернева, заменик директор на Европскиот совет за надворешни односи и директор на Канцеларијата во Софија.

Поврзани новости