Чекајќи го пикот

by fokus

Економијата се води по српската “ко преживи, причаче”. Ова, се разбира, не важи за македонските магнати кои деновиве дознавме добиле убав стимул од НАШИТЕ пари … Како една болница е погодена од кризата, кога не само што има намален, туку зголемен обрт, е трето прашање

Јанаки МИТРОВСКИ

Некаде на средината на март, кога се прогласи вонредна состојба во Македонија, состојбата со корона вирусот но и пратечката параноја ескалираа. Сајтот на Министерството за здравство и денеска не информира дека на 19 март имало вкупно 48 лица заболени со Ковид-19.  Само една недела претходно, со 12 заболени, министерот Филипче до Владата предложи и доби затворање на моловите.

Fast forward до 25 мај и имаме речиси 2.000 заболени, 113 мртви и тераме трет месец карантин (ако може да се нарече карантин) Иако цела Европа, и регионот полека но сигурно излегуваат од криза, и ги релаксираат меркиве кои ја парализираа економијата, ние се уште го чекаме “пикот” да помине, кривата да се стабилизира, како полека би се вратиле во нормала.

СЕ ФОРСИРААТ ИЗБОРИ

Како и многу позитивни работи, во Македонија пикот никако да дојде, иако ветуван од здравствените авторитети за крајот на април, почетокот на мај. Наместо здравствените власти, веројатно загрижени од новото “неочекувано” растење на кривата (над триесет ново заболени неколку дена по ред) да се ресетираат, да се запрашаат дали можеби не е време за нов пристап, како што би се запрашал секој здраворазумен човек во услови кога трет месец сме под сериозни мерки, а крајот не се гледа, оп- ИЗБОРИ!

Како надлежните бараат дисциплина во услови на парализирана економија, рестриктивни движења ( ама ова не важи секаде на територија на Македонија) и прогласена вонредна состојба на помалку од педесет заболени, а се форсираат избори во сред пандемија кога наместо состојбата да се стабилизира, истата зема нов замав.

Кај нас епидемиолозите се поделени по прашање дали е ова можеби фамозниот “втор бран” под претпоставка дека првиот поминал незабележително, други велат дека истиот евентуално би бил наесен, додека трети сметаат дека до втор бран нема да дојде.

Ниедно мислење нормално не ги премислува или поколебува политичките елити да се впуштат во операција која инволвира најмалку деветстотини илјади луѓе, и тоа во услови кога дигитални избори за нас се мисловна именка.

И воопшто не ме радува наводното противење на опозицијата, која ептен загрижена за здравјето на граѓаните предлага изборите да бидат, не на 21 јуни, како што предлага претседателот на СДСМ, туку во јули. Страшно голема разлика. Ако јас се прашам избори не би требало ни да постојат бидејќи не знам што аир видовме за триесет години “плурализам”. Но нејсе, не се прашувам, или барем не во доволна мера.

ГРДИ СТЕРЕОТИПИ ЗА АДВОКАТИТЕ

Поентата на оваа колумна не е да дава или да не дава поддршка за избори или не. Мојот став за македонските стерилни политичари е јасен. Сакам да посочам на парадоксот да нѐ држат затворени три месеци, економијата забрзано оди надоле(не за сите) забранети се групирања на луѓе, и сето тоа магично ќе исчезне на дента на евентуалните избори кои треба да мобилизираат можеби и над милион луѓе.

Економијата во меѓувреме се води по српската “ко преживи, причаче”. Ова, се разбира, не важи за македонските магнати кои деновиве дознавме добиле убав стимул од НАШИТЕ пари, бидејќи биле бизниси погодени од кризата. Како една болница е погодена од кризата, кога не само што има намален, туку зголемен обрт, е трето прашање.

Мерки на помош нема за македонските угостители, мали бизниси и слично, или истите не се добри, и затоа во голем дел не се користат. Мерки нема ни за македонската адвокатура.

Тргнете ги настрана сите грди стереотипи за адвокатите, и ќе разберете дека сме можеби меѓу најпогодените. Нашата работа е врзана во голема мера со таа на судот, и веќе трет месец сме речиси на нула. Но, нашата комора е одамна политички инфестирана, и од средина на деведесетите сме немале вистински претседател.

Се пратија некои, сосема ок, барања, владата не нѐ изесапи и толку. Не дај боже Комората да реагира или да пушти глас. Претпоставувам во комора се плашат да не помисли министерката за финансии дека билдаме “одредена доза на нетрпеливост” и многу бараме!!

Така, чекајќи го пикот, ако некогаш дојде, вториот и третиот, па и петтиот бран, константно бомбардирани со црни сценарија, додека се работи на вакцина, која треба да биде готова за фрапантна една година наместо стандардните најмалку четири, никако да свикнам на “новото нормално” што и да тоа значи!

Поврзани новости