Че Гевара живее

by fokus 13:10
13:10

Пишува: Гордана ПОПСИМОНОВА

За насловот искористив една од најпознатите пароли на студентското движење што ја зафати цела Европа во 1968 година. Од друга страна, бидејќи токму неделава навршија 49 години од егзекуцијата на Ернесто „Че“ Гевара (стрелан е на деветти октомври 1967 година), сметам дека соодветно е неговиот лик и дело да ми биде инспирација за текстов.

- Advertisements -

Дополнителен мотив ми е и спонтаноста на Шарената револуција, во која видов многу транспаренти и безброј маички со ликот на Че претставен со познатата баретка и револуционерната петокрака, своевремено направена од фотографот Алберто Кортас.

Според мене, најнормална и најприродна работа на светов и веков е секое движење и протест против кој било и каков било авторитарен и тоталитаристички режим, да се идентификува со култот, иконата и универзалниот симбол на борбата за слобода, правда и вистина – Че Гевара.

Македонија има свои херои на слободата и правдината, кои се присвојувани од туѓите пропаганди, но и од домашната перална на мозок наречена ДПМНЕ. Веќе ништо и никој не е релевантен, докажан и покажан во нашата официјална историја, бидејќи партијата која веќе 10 години ја силува сопствената држава, октроираше сопствена историја и го релативизираше значењето на куп ликови од нашето минато.

Со антички коњи и владетели, со средновековни галии, со барокни капии и рококо фасади, за на крајот еден неписмен македонски крвник, Андон Ќосето, да ни биде некаков симбол, споменик, или не знам што – за не знам што. А комплетното лудило да заврши со констатацијата на еден ударник од партијата на власт, кој деновиве излезе со тезата дека Ченто, Брашнаров и Венко Марковски биле најмаркантните фигури во НОВ.

Е, па, тогаш не чудете се зашто македонските млади бегаат од Македонија, а тие што сѐ уште не извадиле билет во еден правец, гледаат кон Че.

ПРОСТЕТЕ, АМА – ЗА ШТО СЕ БОРЕВМЕ?

Нека бидам најнаивниот човек во мојата измалтретирана држава, нека бидам најповршниот самонаречен политички аналитичар, ако треба нека бидам и најаматерскиот прогнозер на идната разврска во Македонија, ама јас сум длабоко уверена дека на 11 декември треба конечно и дефинитивно да му се стави крај на груевизмот.

Не излегов од својот кабинет за да им се придружам на студентите и не мрзнев заедно со нив на Филозофскиот факултет затоа што ми здодеа професорската кариера, не ја оставив топлината на домот за да протестирам пред Владата затоа што ми се збоктисаа домашните обврски и семејството, не поминав часови и денови со колегите од Професорскиот пленум затоа што ми требаше нов предизвик во животот, не се ставив на црните листи на владините медиуми за да ми буричкаат по интимноста затоа што уживам во тоа и, конечно, не си го арчам мозокот за да пишувам текстови против режимот затоа што на 51-годишна возраст открив некаков нов талент во себе и нова форма на самореализација. Сето ова го правам затоа што чувствувам обврска. Пред сѐ, пред самата себе, бидејќи длабоко верувам дека сум на вистинската страна.

Одбивам да гнијам во засмрденото мочуриште што ни се нуди како светла перспектива, ја отфрлам опцијата на чмаење и чекање некој друг да ни ја заврши работата, не признавам дремење по кафулиња и правење сеир на сопствена сметка. Уште помалку прифаќам присвојување на нашата борба за слобода во функција на партиски пазарења со изговор дека сега не се созреани условите за општа офанзива против режимот, дека наводно треба да нападнеме од лев и десен фронт, дека Шарената револуција ја заврши својата мисија со тоа што неколкумина нејзини претставници ќе влезат на пратеничките листи на СДСМ, или дека некој однадвор ќе одработи за нас.

Ова го пишувам под импресија на последниот тематски конгрес и големиот Единаесеттоктомвриски митинг на СДСМ – партијата која ја замислував како локомотива на опозицијата. Го пишувам и под силни впечатоци од интервјуто на Зоран Заев за ТВ Телма, во кое тој децидно изјави дека СДСМ е ДВИЖЕЊЕ за ослободување на Македонија.

Го пишувам и под влијание на дузина коментари од истакнати македонски политички пера, пердуви и пердувчиња, кои отворено му замеруваат на лидерот на СДСМ што ја прифатил партијата ДОМ во коалицијата, или, пак, Алијансата за позитивна Македонија, кои им се потсмеваат на барањата на лидерот на Левица или, пак, си играат мајтап со тезите на претседателот на ЛП. И при тоа, на Заев му сугерираат кој е подобен, а кој непожелен да биде дел од широкиот опозициски фронт предводен од неговата партија.

И затоа, отворено ќе прашам – ДАЛИ СЕ БОРИМЕ ЗА УРИВАЊЕ НА РЕЖИМОТ ИЛИ ЗА ОСВОЈУВАЊЕ НА ВЛАСТА?

Ако се боревме за уривање на режимот, а најавтентичен граѓански протагонист на ова движење беше Шарената револуција, чиј дел не беше само СДСМ, туку илјадници граѓани меѓу кои и членови на многу опозициски политички партии, тогаш чуму ексклузивност? Од каде концептот дека треба да се делиме на леви и десни опозициски блокови, во ситуација кога Груевски и неговата партија сѐ уште имаат висок рејтинг и сѐ уште имаат огромни финансиски и медиумски ресурси?

Дами и господа, другари и другарки, дали сме ние нормални?

ДО ВЕЧНОСТА КОМАНДАНТЕ!    

Немам желба, а богами, ниту кредибилитет, некому да давам ум за тоа што и како треба да направи за да се урне груевизмот, а уште помалку имам некакви амбиции да бидам политичар кој ги знае сите мудрости на овој свет. Мое е да се обидам да го артикулирам сопствениот здрав разум или да бидам крик на отрезнување во општата и нереална победничка еуфорија со која сите сме обземени.

И отворено да предупредам на следново: Дечки, не правете си бајрам со паметот, си имаме работа со класична мафија. Нашата мафија претставува моќна организација со прецизно утврдени цели и методи на дејствување, односно со педантно разработен систем на корупција, закана, уцена и воспоставен клиентелизам. Ставете ги настрана сопствените суети и лакомост за пратенички фотелји и сите заедно исчекорете за Македонија. Сега или никогаш повеќе.

Зашто, ако и по студентските протести не созреавме како политички битија, ако и по безбројните пленумски самоорганизирања не научивме да бидеме солидарни, ако и по притисоците за ослободување на Кежаровски не станавме свесни за нашата сила, ако и обелоденувањето на вистината за смртта на Мартин Нешкоски не е доволно уверлива заеднички да бараме правда, ако и трагичната судбина на малата Тамара е премалку алармантна за да ги збиеме сопствените редови, ако и тортурата врз Бошкоски не е мотив жестоко и безмилосно да го вратиме ударот, ако и меѓуетничкото обединување во битката за слобода и демократија не е моќен индикатор за нашата моќ, ако и откривањето на случаите за злоупотребите на власта и крадењето народни пари не се доволен мотив да се обединиме, здружиме за да бидеме едно во единствената цел…

Тогаш, подобро да нѐ нема. Нека исчезнеме во сопствениот срам, нека се сотреме во сопствениот резил, нека се изгубиме некаде подалеку од себе и сопствениот ропски менталитет.

А јас во меѓувреме, безброј пати ќе ја преслушувам баладата за командантот Че, симболот за слобода и непокор. Ќе се инспирирам од неа, верувајќи дека храброста и идеализмот на Че ќе бидат со нас на 11 декември. Неговиот лик опеан во песната на Карлос Пуебла – „Hasta siempre Comandante“, секогаш ќе ме враќа на деновите на македонската политичка пролет, преку рефренот „Длабоката транспарентност на твоето присуство, oстанува јасна овде, команданте Че Гевара“.

Aquí se queda la clara,

la entrañable transparencia,

de tu querida presencia,

Comandante Che Guevara.

 

Поврзани новости