Чавков: Законските измени немаат врска со опозицијата, туку со полицијата

by Фокус 15:16
15:16

Измените на Законот за внатрешни работи се суштински измени и во духот на европските стандарди, направени според компаративна анализа и искуства од Хрватска, Словенија, Австрија и други европските држави, истакна денеска министерот за внатрешни работи Митко Чавков, откако излегоа информации дека токму овие измени се камен на сопчување меѓу политичките партии за постигнување на конечен договор за излез од политичката криза.

– Овие измени не се за дневно политичка цел, туку се развојни системски решенија кои на долги стази треба да допринесат за стабилизирање на организациските структури на МВР и да надминеме еден апсурд. Ова нема никаква врска со ингеренциите на министерот за внатрешни работи, тој може непречено и со полн капацитет да ги остварува функциите во Министерството, но тоа треба да го прави согласно законите за внатрешни работи и полиција. Токму тука е реакцијата од страна на опозицијата – истакнува министерот за внатрешни работи.

Согласно овие измени, вели Чавков, организациската структура ќе се утврдува со уредба која ќе ја донесе Владата, систематизацијата ќе ја донесува министерот за внатрешни работи во претходна согласност со Владата, со што, според него, ќе се обезбеди стабилна организациска структура која нема да биде предмет на негативни креативности од кој било министер независно од која политичка гарнитура доаѓа.

 

Поврзани новости