На третото продолжение на судскиот процес за предметот „27 април“, за насилствата во македонското Собрание од 2017 година, што се одржува денеска во Кривичниот суд во Скопје, по едночасовната пауза, одбраната продолжи да ги изнесува воведните зборови, а дел обвинетите се изјаснија дека не чувствуваат вина.
На обвинителната клупа се 33 лица, пратеници, поранешни функционери, јавни личности, полицајци, од кои 31 одговараат за „ терористичко загрозување на уставниот поредок“, а двајца за помагање.
По изнесените воведни зборови од страна на бранителите, судијката Кацарска им даде збор на обвинетите.
Прв говореше Крсте Мукоски, кој нагласи дека освен останатите обвинети пратеници, не познавал од претходно ниту еден од обвинетите.
– Не се чувствувам виновен, истакна Мукоски.
Потоа, Сашо Василевски, исто како и Мукоски, наведе дека не ги познавал останатите обвинети од претходно, освен претениците.
Обвинетиот Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност во воведните зборови наведе дека поради збунетост и неодлучност на полициските службеници пред Собранието лично презел команда за консолидација.
Според Чавков, со негова проактивност и интервенција нападот на Собранието поминал без ескалации и без жртви, се реагирало навреме и за час и 20 минути ситуацијата била под контрола.
Тој рече дека откако интервенирал биле обезбедени дополнителни луѓе од единицата за специјални задачи, ги дал потребните наредби, како и дека жали за неуспешноста на единиците при влез во Парламентот.
Обвинителката Вилма Русковска завчера во воведните зборови рече дека ќе докажат оти Чавков бил информиран за сите настани.
Одбраната констатираше дека дека нема докази за обвинителниот акт, а за време на рочиштето беше посочено и дека „судот не нашол за сходно да повика рочиште за проценка на обвинителниот акт“.
Имено, одбраната заклучи дека ќе се докаже оти обвинетите не се виновни, и дека ќе добијат ослободителни пресуди.