Чадиев се прости со сограѓаните: Го правев Велес по мерка на велешани!

by Fokus
Славчо Чадиев од ВМРО ДПМНЕ, кој беше градоначалник на Велес во изминатите четири години, се збогуваше со велешани откако не успеа повторно да ја добие нивната доверба на последните локални избори пред два дена.

Тој изгуби од Аце Коцевски од СДСМ, кој освои 15.962 гласа, односно 53.51 процент од гласовите. Чадиев доби 12.293 гласа од сограѓаните.

,,Упатувам голема благодарност до сите 12.293 граѓани кои гласаа за мене на локалните избори. Тие ја препознаа работата и реализацијата на 370 проекти во изминатиот мандат. Дозволете ми да изразам уште поголема благодарност што во изминативе 4.5 години вие граѓаните на Велес ми ја дадовте можноста да ја извршувам функцијата градоначалник на Општина Велес. Велес бил и ќе остане во моето срце. Роден сум тука, целиот живот го поминав овде. Затоа и ми беше огромна чест да раководам со градот. Уште поголема е честа што заедно со вас успеавме да го направиме Велес поубаво место за живеење. Се што градевме и создававме беше со единствена цел да го направиме Велес по мерка на велешани. Да овозможиме во него да растат и работат граѓани кои што својата иднина и иднината на своите деца ќе ја градат тука. Убеден сум дека опстојавме и не скршнавме од вистинскиот пат. Искрено посакувам уште подобра иднина за нашиот град во следниот период. Велес бил и ќе остане наша гордост засекогаш’’- порача Чадиев.


Тој беше избран за градоначалник во 2013 година, а по професија е магистар сурдолог. И неговата сопруга Весна е дел од здравството, односно специјалист патолог, ќерката Билјана е доктор, а синот Александар студира медицина.

 

Поврзани новости