Шест партии во минус од последните денови изборна кампања, СДСМ заштеди 130.000 евра

by fokus

Финансиските извештаи на политичките партии кои учествуваат на локалните избори покажуваат дека шест од нив влегле во минус во последните денови од изборната кампања. Најголем минус има ДУИ на Али Ахмети кои за 45.653 евра си ги пуштиле нозете повеќе од што им досега чергичето.

Во последните осум дена од изборната кампата ДУИ потрошиле 106.758 евра, додека успеале да соберат само 61.105 евра.

Многу повеќе од нив потрошиле СДСМ за промовирање на своите кандидати, или за осум дена вкупно 293.938 евра. Социјалдемократите сепак успеале и да заштедат. Собрале 430.794 евра, па во плус се вкупно 136.855 евра.

ВМРО-ДПМНЕ во првиот извештај од изборната кампања потрошија повеќе од овие две партии заедно, или над 680.000 евра. Вториот извештај се уште не е објавен на веб страната на Државната изборна комисија. Партиите имаа рок до 14-ти октомври да ги достават своите финансиски извештаи за приходи и раходи во период од 5-ти до 13-ти октомври. Од ДИК велат дека извештаите на ВМРО-ДПМНЕ не се обработени затоа што приоритет на администрацијата сега си приговорите се нерегуларности во текот на гласањето.

Меѓу шестте партии кои влегоа во минус е и БЕСА. Партијата на Билал Касами има непокриени расходи во износ од 42.358, од потрошени вкупно 54.033 евра. Алијанса за Албанците е во минус од 1.577 евра. ДПА, пак, потрошиле 6.104 евра, но собрале само 3.106 евра.

Кампањата на ГРОМ во последните осум дена чинела 9.695 евра, од нив 1.300 евра ги донирал претседателот, Стевче Јакимовски.

Левица пријавила расходи од 3.267 евра, но нула приходи. НДП е во минус од 5.200 евра, а ТМРО во плус од 382 денари.

 

Поврзани новости