Поплавени студенти во „Стив Наумов“, Бојчев вели десет години не е инвестирано во зградата

by fokus

Од Државен студентски дом Скопје потврдуваат дека вчера поради дождот попуштил плафонот во третата женска зграда на студентскиот дом „Стив Наумов“ поради што две соби биле поплавени. Причината, велат, е во тоа што олуците не биле исчистени, а проблемот потекнува од долгогодишната занемареност на одржувањето на зградата.

„Податоците на домот покажуваат дека за истоимената зграда последен пат биле одвоени средства во 2008 година, а средства за варосување не се одвоени дури и од 2006 година. Овие податоци се јавни, и ние сме подготвени да ги споделиме со јавноста доколку тоа е потребно. Олуците, поради чие неодржување е настанато поплавувањето, последен пат се исчистени точно пред 3 години, па истото предизвикувало поплавување на двете соби во повеќе наврати, што довело дури и до заскапување на неколку места“, вели во соопштение в.д. директор Атанас Бојчев.

Тој додава дека раководството на студентскиот дом веднаш интервенирало, со цел да го заштити здравјето на студентите.

„Понудено е дислоцирање додека се врши санирањето на собите, односно дезинфекцијата, варосување и реновирање а во исто време ангажирана е и фирма која ги чисти олуците со цел да се спречи повторно поплавување“, додава Бојчев.

 

Поврзани новости