Новинарите бараат одговор од српските власти за затворањето на „Врањске новине“ чиј главен уредник штрајкува со глад

by fokus

Длабока загриженост поради притисокот врз локалниот весник „Врањске новине“ и штрајкот со глад на главниот уредник и сопственик Вукашин Обрадовиќ, изразува Регионалната платформа за Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите.

„По 23 годишно работење и критичко следење на локалните проблеми на југот на Србија, „Врањске новине“ се затвори поради постојани притисоци, од економски и политички карактер. Не е јасно зошто деловен субјект со таква историја заслужува такви интензивни финансиски инспекции, кои овој месец траеле повеќе од две недели, а биле спроведени во просториите на весникот“, посочуваат од мрежата.

Од таму бараат брза соодветна реакција од страна на институциите.

„Иако е разбирлив во овој контекст, штрајкот со глад не е одржлива мерка за постигнување напредок во слободата на медиумите, бидејќи цената што треба да ја плати оваа исклучителна личност е премногу висока во име на поширока кауза“, порачуваат од таму.

Во платформата членуваат повеќе од 7800 новинари и медиумски работници.

За потсетување, по најавата дека ќе згасне весникот, Обрадовиќ се заклучи во просториите на редакцијата и со отворено писмо им се обрати на надлежните институции и на јавноста барајќи одговори за состојбата на „Врањске новине.“

„Од своето основање, весникот се водеше во согласност со законот, транспарентно. Немаше големи осцилации во работењето, сите даноци беа плаќани на време, весникот беше воден под исто име и издаван од страна на истиот издавач. Во претходните случаи на контроли на државните власти, „Врањске новине“ се придржуваа до одлуките на властите и постапуваа според издадените препораки“, стои во писмото.

Поврзани новости