Бушати: Платформата е македонска, за неа се разговараше и со Груевски и со Заев

by fokus

Албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати кој престојува во Вашингтон, негира дека постоела тиранска платформа и дека Албанија се меша во внатрешните работи на Македонија, пренесе МТВ.

Според Бушати, погрешно е платформата да се нарекува тиранска, а Албанија не се мешала, туку дека пријателски советувала.

– Не е прецизно да се каже дека има тиранска платформа. Нема тиранска платформа. Има платформа на албански политички партии за која се дискутираше со Груевски и со Заев. Имаше договор со Груевски што потоа беше одбиен од причини што немаат врска со Албанија, Тирана или премирот Рама. Никогаш не сме се мешале во домашните работи во Македонија и многу сме внимателни при советувањето на пријателски начин, исто така на нашите пријатели во Македонија на начин да не се одговори на провокациите што доаѓаат од улица – истакна шефот на албанската дипломатија.

Тој го избегна прашањето од дописникот на Македонската телевизија да биде поконкретен дали обедувањето на Косово и Албанија е почеток на формирање на „Голема Албанија“.

– Мислам дека ја објаснував позицијата на Албанија, на позицијата на албанскиот премиер за стратешкото партнерство што го имаме со Косово. Не можам да додадам ништо друго на тоа – рече Бушати.

Тој истакна дека Албанија била најдемократската држава на Западниот Балкан и бедем против руското влијание, дека имало назадување на демократијата во Србија, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина и во Хрватска.

 

Поврзани новости