Бундестагот: Берлин ќе помага на Македонија на патот кон ЕУ

by fokus

Македонија има напредок на патот кон ЕУ, атмосферата во државата е сменета во позитивна насока и земјата добро е подготвена за почеток на преговори, но се уште не е подготвена за членство во Унијата. Пофалби за Преспанскиот договор, но и предупредувања од можен неуспех од неговата ратификација.

Ова било во фокусот на дебатата за Македонија насловена „Македонија меѓу надеж и загриженост“ во германскиот Бундестаг, организирана од Друштвото за Југоисточна Европа, на која учествуваа одговорните за Македонија во Министерството за надворешни работи Кристијан Хелбах и во кабинетот на канцеларката Меркел, Матијас Лутенберг, авторот на патоказот за реформите во Македонија, Рајнхард Прибе, повеќе пратеници во Бундестагот, дипломати, како и гостите од Македонија и Грција, Симонида Кацарска и Ксенија Куналаки од грчкиот весник „Катимерини“, пишува „Дојче веле“.

Лутенберг ја поздравил храброста на премиерот Заев да ги решава проблемите со соседите Бугарија и Грција уште од почетокот на мандатот и тоа, според него, „бил важен сигнал да му се каже и на сопствениот народ дека се подготвени да решаваат проблеми“.

Посочил дека Германија била многу ангажирана за надминување на спорот со Грција, споменувајќи ја посетата на Меркел на Скопје пред референдумот, а „сега е подготвена и конкретно да помогне со советување и финансиска поддршка“.

– Сакаме да ја поддржиме иднината. Ќе испратиме советници за македонската Влада. Сакаме земјата не само да биде стабилна, туку и да напредува, вели Лутенберг, додавајќи дека таква поддршка очекува и од ЕУ, со цел Македонија економски да закрепне, но и да стане поинтересна за странски инвестиции, за што, прв предуслов е „владеењето на правото“.

Прибе посочил дека ако евентуално во Грција не биде ратификуван Преспанскиот договор, ЕУ мора да ги отвори преговорите за членство со Македонија, независно од спорот за името, а Скопје треба да биде мотивирано за да ги продолжи реформите.

Хелбах, пак, оценил дека доколку не помине договорот од Преспа, тоа би било лоша вест за земјата, и дека кај дел од населението во Македонија, лојалноста кон државата зависи од напредокот на земјата на евроатлантскиот пат.

– Се плашам дека националистичките или етничките наративи повторно ќе нараснат. Доколку Македонија не успее да напредува тоа ќе има последици за стабилноста, предупреди германскиот дипломат.

Поврзани новости