Булц: Европската комисија ги цени и ќе продолжи да ги поддржува напорите на Владата за зајакнување на регионалната соработка

by fokus

Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и министрите за надворешни работи, Никола Димитров, и за транспорт и врски, Горан Сугарески, попладнево се сретна со комесарката за транспорт на Европската комисија, Виолета Булц, придружувана од амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.

Продолжете да градите силна доверба со Европската Унија. Европската комисија ги цени и ќе продолжи да ги поддржува напорите на Владата за зајакнување на регионалната соработка и за отворање евро-атлантски перспективи на Македонија и на државите од регионот, како и отворените реформски процеси во државата. Резултатите од вчерашните избори се силен позитивен поттик за Владата да ги реализира најавените политики за квалитетен живот на граѓаните и за отворање перспективи на Македонија, ова е моментот да се направи отскок напред“, е пораката што му ја пренесе комесарката Булц на премиерот Заев.

Премиерот Заев се заблагодари за големата поддршка што ја имаат и Република Македонија и регионот за остварувањето на стратешките европски цели, во што една од клучните улоги ја има транспортното поврзување.

Постои заедничка согласност дека транспортното поврзување во регионот, во што се очекува да помогне договорот за основање транспортна заедница потпишан во Трст, како и финансиската поддршка од ЕУ за Коридорот 8 и функционалноста на Коридорот 10, ќе придонесат за подобра комуникација меѓу државите, а со тоа и кон резултати на економски план.

Потребно е, како што рече комесарката Булц, предвидлива, транспарентна клима за инвестирање, што ќе помогне на државите во регионот полесно да се поврзат со земјите од ЕУ, а со тоа и да обезбедат подобар живот за граѓаните во своите држави.

– Владата презема конкретни чекори за реализација на зацртаниот реформски план 3-6-9, кој води кон квалитетен живот за граѓаните и исчекор кон ЕУ-интеграциите. Резултатите од вчерашните избори за нас се сериозна одговорност пред граѓаните да го овозможиме тоа и за нив и за државата. Ќе продолжиме да даваме позитивен пример како се градат добрососедски односи и пријателства и со тоа да отвораме пат за интеграција на Македонија и на регионот во евро-атлантското семејство – рече премиерот Заев.

На средбата е констатирано дека регионалниот„ Самит 100“, кој денес и утре се организира во Скопје, е уште еден позитивен импулс од Македонија и од регионот дека се посветени на унапредување на економската и регионалната соработка.

Поврзани новости