Буквално ги фаќаме инфицираните од семејната слава Спасовден во Ресен – тврдат од ЦЈЗ Битола

by Frosina Fakova

Семејна слава по повод верскиот празник Спасовден е жариште на инфицирани со корона вирус во Ресен, потврди за ,,Фокус” д-р Соња Спировска од Центар за јавно здравје Битола.

-Според информациите со кои располагаме, прославата по повод Спасовден се одржала во дом на ресенчани, а биле присутни голем број на гости. Не можеме да дојдеме до точната бројка, се шпекулира помеѓу 40 и 70 гости.

Факт е дека ние буквално ги фативме инфицираните. За жал, се кријат контакти, се кријат симптоми, не се кажува вистината, на епидемиолозите воопшто не им е лесно.
Поголемиот дел од заболените се криеле, се лекувале на своја рака, дома. Чекале да им се влоши состојбата, за да побараат стручна помош од здравствените работници. Првите позитивни случаи во Ресен започнаа да се регистрираат од десетти јуни, до денес бројот е 46 активни и еден починат.

Во болница се доаѓа во тешка форма на болеста, можеби е тоа така бидејќи ова е мало место, веројатно постои страв од предрасуди. Не сите позитивни, но добар дел од позитивните во Ресен потекнуваат од тој кластер- тврди д-р Спировска.

И градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски за ,,Фокус” вели дека денешните бројки на новорегистрираните случаи не се за изненадување, со оглед на настаните.

-Очекувани се бројките, тринаесет позитивни случаи денес. И претпоставувам дека овие бројки ќе следат и во наредните неколку дена. Сметам дека сега веќе кругот е затворен, имаме околу 200 лица во изолација во општината. Позитивно е тоа што најголемите индустриски капацитети овој период се затворени, очекуваме полека да се намали ширењето на вирусот – изјави Гошаревски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости