Бугарскиот парламент го отфрли предлогот да се купат вакцини од Русија

by Fokus

Бугарскиот парламент го одби предлогот земјата да набави од руската вакцина „Спутник В“.

Наместо тоа, пратениците ѝ наложија на Владата да направи консултации со Европската комисија (ЕК) во врска со можноста за купување вакцини против ковид-19, кои веќе добиле овластување во земјите кои не се дел од ЕУ или од Европскиот економски простор, како што е руската, но и кинеската.

Предлогот да се набават вакцини од Русија го даде опозициската Бугарска социјалистичка партија (БПС), а расправата во парламентот траеше околу два часа.

-Една од првите работи што ќе ја сториме кога Бугарите ќе ни ја дадат довербата е да преземеме чекори за да обезбедиме слободен пристап до сите видови вакцини, рече лидерката на БСП, Корнелија Нинова, алудирајќи на парламентарните избори закажани за наредниот месец.

Таа ја критикуваше владата на Бојко Борисов дека не успеала навремено да набави вакцини, но и дека пропаднал првичниот план за имунизација.

-Владата купи 13 милиони вакцини за 250 милиони евра. Вакцини нема. Бугарската Влада одобри план за вакцинација по групи што треба прво да се вакцинираат, а потоа самата го откажа планот. Владата постави зелени коридори, луѓето се построија и потоа ги вратија бидејќи вакцини нема, рече лидерката на најголемата опозициска партија.

Аргументите на владејачката ГЕРБ, пак, во парламентарната расправа беа дека не може да се направи ништо без европските власти, како и дека во однос на руската вакцина има проблеми со недоволните резерви.

Поврзани новости