Бугарски медиуми: Скопје сака да го забрани културниот клуб „Ванчо Михајлов“

by Fokus

Скопје го направи првиот чекор кон забрана на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, пишуваат бугарските медиуми откако Министерството за правда ја потпиша одлуката со која бугарскиот културен клуб мора да го смени името затоа што постоечкото ги навредува, како велат од Министерството, чувствата на македонскиот народ. Во Бугарија ова се толкува како институционален напад врз организирањето на македонските Бугари.

„Ова е првиот чекор кон забрана за постоење за здружението „Иван Михајлов“, пишува БГНЕС.

Новинската агенција го цитира претседателот на културниот клуб, Љубчо Георгиевски, кој вели дека нема да ја почитуваат одлуката на македонското министерство и нема да се преименуваат.

„Правата ќе си ги бараме на суд ако не избришат од Централниот регистар, а ако судот во РСМ не ни ги даде правата, ќе ги бараме во Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, објасни Георгиевски, пренесе БГНЕС.

За настанот се огласи и бугарското министерство за надворешни работи. Од таму велат дека со загриженост ги следат случувањата во земјавата поврзани со правото на здружување на Бугарите.

„Одлуките што се подготвуваат имаат значајно влијание врз демократските процеси во нашата соседна земја. Како што е познато, токму со цел објективно толкување на историските настани од заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија, двете влади создадоа заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Поради системски блокади на нејзината работа, до сега не е постигната општа оценка за улогата на историските личности од тој период“, велат од бугарското МНР.

Бугарскиот приватен клуб беше отворен во април минатата година во присуство на тогашниот премиер, Кирил Петков.

Бугарските медиуми појаснуваат дека одлуката на Министерството е донесена согласно Законот за здруженија и фондации, каде на граѓанските здруженија, фондации и политички партии им се забранува да користат имиња, прекари или псевдоними кои се поврзуваат со фашизмот, нацизмот и геноцидот, Третиот рајх и.т.н. Законот има ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрирани здруженија и фондации и предвидува дека оние кои нема да ги почитуваат измените ќе бидат избришани од регистрите по одлука на министерот за правда.

 

Поврзани новости