Бугарска влада: Борисов и Меркел се заинтересирани да се најде решение

by fokus 17:43
17:43

Напорите на бугарската страна отсекогаш беа и продолжуваат да бидат насочени кон постигнување дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но за оваа цел тоа мора да го сакаат и да го спроведат двете страни, велат од прес-службата на бугарската Влада коментирајќи ја изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел дека е во контакти со бугарскиот премиер Бојко Борисов за решавање на прашањето за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ во скоро време.

Од бугарската Влада за агенција БГНЕС истакнуваат дека Борисов и германската канцеларка Ангела Меркел, како и нивните тимови се во редовна комуникација на сите теми од заеднички интерес.

- Advertisements -

-И премиерот Борисов и канцеларката Меркел се заинтересирани да најдат решение за ова прашање. Напорите на бугарската страна отсекогаш биле и продолжуваат да бидат насочени кон постигнување дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но за оваа цел тоа мора да го сакаат и да го спроведат двете страни. Бугарија има целосно разбирање за овие напори на нејзините партнери во ЕУ, се вели во одговорот од бугарската Влада.

Германската канцеларка Ангела Меркел вчера во Бундестагот одговараше на прашања на претседателот на Комисијата за европски прашања, Гинтер Крихбаум, кој е од редовите на нејзината партија ЦДУ, а кој упати критики за неуспехот на германското претседателство со ЕУ да ги започне преговорите со Северна Македонија.

Тој рече дека јавноста уште еднаш била сведок на злоупотребата на правата на земјите-членки на ЕУ, кон земјите кандидати, за да ги промовираат своите билатерални прашања.

-Не успеавме секаде да постигнеме пробив, на пример за почеток на преговорите со Северна Македонија. Тоа е штета и уште еднаш доживеавме една злоупотреба на позицијата на една земја-членка против една земја-кандидат со наметнување на билатерални барања. И, мора јасно да се каже, со вршење притисок. Како ги оценувате шансите во блиска иднина да се надмине блокадата на Бугарија, запраша Крихбаум.

Меркел на тоа одговори дека е во контакт со бугарскиот премиер Бојко Борисов.

-Уште еднаш разговарав со бугарскиот премиер Бојко Борисов и се надевам дека овие прашања ќе се надминат во блиска иднина, рече германската канцеларка.

Поврзани новости