Сите гитари на нашиот Тоше Проески се изложени во музејот во Крушево. Ниту една од нив не е продадена или пак некому дадена на користење, за ,,Фокус” појаснува Славен Ристески, зет за сестра на легендарниот музичар.
Реакцијата доаѓа откако во бугарски медиуми се објави вест дека тамошниот млад музичар Лео свири на омилената гитара на Проески во спотот за неговата нова песна, а беа објавени и фотографии од Тоше и Лео со истата, или пак слична гитара.
Славен вели дека со текот на годините веќе свикнале на секакви приказни поврзани со Тоше, и на многу од нив семејството воопшто не реагира. Тврди дека многумина се обиделе да си прават маркетинг користејќи го името на Тоше, и тоа не ги изненадува.
-Сите гитари кои беа на Тоше, исто како и останатите музички инструменти кои тој ги поседуваше се изложени во музејот во Крушево. Ниту една не е продадена, ниту пак дадена некому на користење.
Ова со гитарата, ми личи на маркетиншки трик кој си го направиле во Бугарија.
Фотографиите со гитарата кои ги објавиле, кој знае дали е тоа една иста гитара и чија е. Тоше секогаш пееше и свиреше, има многу фотографии со гитари, на кои можеби некогаш свирел на некоја забава, му дошле во раце… Секакви финти се правеле, ние веќе не си ни лутиме, ниту пак реагираме. Народот знае и не заборава кој беше Тоше – изјави Ристески.
Вики Клинчарова