Бугарите не го пропуштаат Струмички карневал: Струмица е балкански Рио де Жанеиро!

by fokus

Во Општина Струмица во тек се подготовките за Струмички карневал – 30 години ѕвезда под небото, кој ќе се одржи од 26-ти февруари до 4-ти март.

Настанот кој што привлекува голем број на посетители од регионот ќе започне наредната среда со отворање на карневалските денови и предавање на клучот на градот на карневалистите од страна на градоначалникот.
Предвидени се голем број на културни настани, изложби, концерти под маски и избор на принц и принцеза на карневалот.

Интернационалната карневалска поворка ќе се случува во сабота, со почеток од 18.30 часот, на булевар ,,Маршал Тито” и плоштад ,,Гоце Делчев”.
Настанот ќе заврши во среда, на 4-ти март, со враќање на клучот од карневалистите на градоначалникот Коста Јаневски.

И годинава се очекуваат голем број на посетители и исполнување на хотелските капацитети. Помеѓу најредовните гости на карневалот од страна, традиционално се жителите на соседна Бугарија.

Лани, посетители од Сандански, Бугарија, за време на карневалот ни изјавија дека се редовни секоја година и за ништо не би го пропуштиле доживувањето.

-Ова е Рио де Жанеиро на Балканот – задоволни коментираа.

Минатата недела во Софија на меѓународниот саем за туризам, Општина Струмица на свој штанд го претставила Струмичкиот карневал. Бугарските посетители на саемот потврдиле дека Струмица и карневалот се интересна дестинација за нив, а претседателот на Здружението на туристички агенции на Турција, Орхан Чеби изразил исклучителен интерес за соработка со струмичките хотели за посета на Струмичкиот карневал.

Вики Клинчарова

Поврзани новости