Бугарите горди на пријателството помеѓу Заев и Борисов: Со гордост ја закачивме нивната фотографија, сите да ја гледаат!

by fokus

Македонскиот премиер Зоран Заев и премерот на Бугарија, Бојко Борисов, за поголемиот дел на граѓаните на Бугарија биле симбол на добрососедство и пријателство помеѓу двете земји. Фотографија на која двајцата позираат заедно со сопственикот на популарниот хотел ,,Монте Кристо” во Благоевград, стои закачена на централно место во рецепцијата на хотелот, а вработените велат дека се горди на двајцата премиери.

-Фотографијата е направена за време на одбележувањето на 115-годишнината од Илинденското востание во Благоевград. Нашиот хотел се наоѓа на околу 30 метри од споменикот на Гоце Делчев, каде што тие положија венци и цвеќе. Потоа свратија во хотелот, а сопственикот изрази желба да се фотографира со нив и да им честита за примерот кој што го даваат со своето пријателство и соработка. Фотографијата веднаш ја врамивме, гордо стои овде, за сите гости да ја видат. И да, се гордееме со двајцата премиери – за ,,Фокус” раскажаа вработени во хотелот.

Инаку, ,,Монте Кристо” е еден од елитните хотели во Благоевград и се наоѓа на самиот плоштад ,,Македонија”. Специфично за него е тоа што водата која што тече од чешмите е минерална и миризлива, и поради тоа има многу посетители од целиот регион. Според вработените во кујната на хотелот со кои што разговаравме, премерите за време на својата посета на Илинден биле послужени со пијалоци, додека пак за ручекот била задолжена кетеринг служба.

-Сепак, ние сме соседни земји, драго ни е што премиерите ни се согласуваат и соработуваат – порачаа тие.

Вики Клинчарова

Поврзани новости