Бугарија со булдожер се брани од пожарот на границата со Македонија

by fokus

Пожарот што беснее помеѓу Делчево и Пехчево се доближи до македонската граница со Бугарија, поради што се мобилизираат бугарските локални власти и органи.

Градоначалникот на Симитли Апостол Апостолов и претседателот на општинскиот совет Владимир Христов ноќеска на границата ја проверуваа состојбата со пожарот и воедно се координираа за потребните активности за негово запирање на бугарска територија, објави МИА.

Според Апостолов, ситуацијата е многу сериозна, а силниот ветер што дува во областа на границата дополнително ја отежнува ситуацијата. Тој рече дека бил во постојан контакт со македонските власти, како и со пожарникарите од Благоевград вклучени во гаснењето на пожарот.

Апостолов разговарал и со директорот на Претпријатието за шумарство Симитли, Благој Кишев, кој го уверил дека ќе биде испратен булдожер до подрачјето на границата помеѓу Македонија и Општина Симитли за да се направат ископи и се запре огнот ако помине од границата со Бугарија.

Раководството на Општина Симитли ги повика граѓаните кои живеат во повисоките населби на градот да бидат што е можно повнимателни и доколку е потребно да се евакуираат.

Поврзани новости