Бугарија ги отвора образовните центри, рестораните и казината

by Fokus

Во Бугарија денеска повторно се отвораат приватните образовни центри и училишта, рестораните и казината, согласно со наредбата на бугарскиот министер за здравство Костадин Ангелов, со која се очекува да се олеснат голем број антиепидемиски мерки, јави БГНЕС.

Дозволени се и туристичките патувања во земјата.

Објекти за јадење и забава, обложувалниците и казината можат да примат клиентите до 50 проценти од нивниот капацитет. Дозволено е да работат до 23 часот, а на една маса ќе можат да седат до шест лица. Персоналот во објектите мора да носи заштитни маски, а во објектите со апарати за коцкање и посетителите мора да носат маски.

Од денеска е дозволено да се одржуваат и часови со физичко присуство во училиштата за ученици со сензорна попреченост, со почитување на антиепидемиските мерки.

Дозволено е да се одржуваат и групни часови во центри за странски јазици, едукативни центри и други центри за обука и училишта организирани од правни и физички лица. Условот е да се почитува физичко растојание од 1,5 метар, да се носи заштитна маска за лице, да се проветрува на секој час и да се прави дезинфекција.

Со физичко присуство повторно почнуваат и групните и воннаставните активности, активности по интереси, занимални и други активности организирани во училишна и воннаставна средина.

Дозволени се и изложби доколку се организира еднонасочно движење и одржување на физичко растојание од 1,5 метар меѓу посетителите.

 

Поврзани новости