Будно ја следиме состојбата, вели министерката Шахпаска, откако 19 штитеници во СЗ Демир Капија се инфицираа со Ковид-19

by fokus

Корона вирусот се појави помеѓу штитениците во Специјалниот завод Демир Капија. Веста дека поголем број на штитеници од Депендансот, кој е во одделни простории од заводот, се инфицирале со Ковид-19 ги вознемири жителите на општината.

Околу тоа колку вкупно од штитениците, кои се лица со интелектуална попреченост, а неретко и со други здравствени проблеми, се заразиле со вирусот, во телефонски разговор за „Фокус” министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска ги сподели деталите.

-За жал вирусот е широко распространет насекаде околу нас. Во Депендансот, кој е во склоп на СЗ Демир Капија престојуваат 42 штитеници. Од нив, моментално 19 се инфицирани со вирусот. Едно лице, позитивно, но и со друг здравствен проблем е хоспитализирано на клиника во Скопје, додека останатите остануваат изолирани во Депендансот – појаснува таа.

Додава дека само двајца од позитивните примаат терапија, додека другите имале благи симптоми.

-Самото тоа што само на две лица им е одредена терапија, е показател дека состојбата на штитениците е добра. Под 24-часовен надзор се, четири медицински сестри и 10 негувателки се грижат за нив. Од ЈЗУ Неготино исто така се запознати со настанот, се прават сите потребни контроли и снимања на штитениците, максимално сме посветени на грижата за нив. Значи, ја добиваат потребната здравствена нега, ја следиме состојбата, и во моментов лицата се стабилни – вели министерката, која и самата е медицинско лице, односно специјалист по интерна медицина.

-Од тој аспект, добро сум запозната што значи секоја инфекција, односно болест кај штитениците кои се лица со одредена попреченост. Во постојан контакт сум со директорката на ЈЗУ Неготино, како и со останатите лица кои се грижат за состојбата на штитениците. Нема место за паника, инифицираните се изолирани, во стабилна состојба – изјави Шахпаска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости