Бучковски: СЈО го злоупотребува случајот „Маѓар телеком“, тука митаџии нема

by fokus

Обвинителката Лиле Стефанова на вчерашното судење за „Маѓар телеком“ го обелодени неофицијалниот документ, нон пејпер, кој наводно потврдува дека поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот министер од редовите на ДУИ, Муса Џафери зеле 7,5 милиони евра за да го одложат воведувањето на трет мобилен оператор во Македонија.

Во овој случај, кој СЈО го презеде од редовното обвинителство, обвинети се тројца странски државјани, но по вчерашното рочиште на сцена „стапија“, македонските поранешни и сегашни функционери.

Поранешниот премиер Владо Бучковски вели дека СЈО го злоупотребува овој случај, бидејќи како што вели, во моментот се бори за место под сонцето.

-Документот што го покажала обвинителката Лиле Стефанова јас го имав во свои раце кога сведочев пред Комисијата од хартии во вредност во Вашингтон пред пет години. Документ искуцан на бел лист хартија со иницијали, без без потписи. Нон пејпер не постои, овој документ не само што нема правно дејство, нема потпис, нема ништо, нон пејперот е создаден од кујните на Богоески. Тоа е удбашко сталинистичка манипулација. Жалам што СЈО се користи со такви методи, ни изјави Бучковски.

Тој додава дека ќе го почека сведочењето на Слободан Богоески, па во зависност од неговиот исказ ќе одлучи дали ќе покрене постапка против него за лажно сведочење.

-Сведочењето на Богоески го отсликува неговиот карактер, удбаш и сталинист кој гази преку трупови за свои интереси. Таму нема ништо, нема митаџии, дециден е Бучковски.

Во Македонија за овој случај беа поднесени кривични пријави против четворица странски државјани уште во декември 2008 година, неколку години пред Американците да го сторат тоа. Обвинети беа генералниот директор на „Македонски телеком“, Атила Сендреј, финансискиот директор Ролф Плат, како и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус, но за еден од нив постапката беше запрена.

Ова судење е почнато во 2011 но рочиштата постојано се одложуваа. Од неодамна, СЈО го презеде случајот.

Аферата доби нова димензија по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк, кое беше објавено јавно и за првпат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Богоески во сведочењето тврдеше дека мито од „Маѓар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами. Ахмети и Џафери, кои го тужеа Богоески за клевета и навреда, го добија случајот на суд, но Апелацискиот суд ја укина пресудата.

Поврзани новости