Бучковски: Блерим Река е пријатно изненадување во оваа кампања

by fokus

Првиот дел од кампањата за претседателските избори е загревање, а во вториот дел од кампањата ќе се виде вистинско лице и на кандидатите, но и на партиите, коишти стојат зад нив, оценува универзитетскиот професор и поранешен премиер Владо Бучковски.

-Јас лично сум задоволен од начинот на којшто комуницираат досега двете водечки партии. Мислам дека памтиме други кампањи, каде што нивото, реториката беше далеку под потребното ниво. Мислам дека за тоа има позитивен придонес и  карактерот на тројцата кандидати, а професорот Река е пријатно изненадување во оваа кампања, вели Бучковски запрашан како го оценува првиот дел од кампањата и дали кандидатите праќаат вистински пораки или се насочеки кон дискридитација на противникот.

Забележа дека потребни се дебатите меѓу тројцата кандидати, но и вистински дебати на кандидатите за претседател со граѓаните.

Бучковски денеска во Штип присуствуваше на промоцијата на книгата „Реторика-Историски и современи аспекти“ пред студентите и наставниот кадар на Правниот факултет при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“-Штип, како коавтор на делото. Во групата универзитетски професори – коавтори од двата државни правни факултета: Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ – Скопје и Правниот факултет при УГД – Штип, се и Мирјана Поленак-Аќимовска,  Гоце Наумовски, Димитар Апасиев и Јован Андоновски.

Бучковски истакна дека по промоцијата на книгата во Скопје денеска се во Штип да им се одаде признание на двајцата колеги од Штипскиот универзитет, којшто учествуваа во реализацијата на книгата, а од друга страна како што рече да се истакне и значењето на овој Универзитет, којшто е најмлад, но е најбрзо растечки.

Универзитетскиот професор, Трајче Стојанов од Факултетот за образовни науки при УГД-Штип беше еден од промоторите на книгата „Реторика-Историски и современи аспекти“ и истакна дека ова дело е практичен прирачник за сите оние што се интересираат за јавен настап, говорништво и беседништво.

На новинарско прашање Стојанов одговори дека не знае колку политичарите читаат ваква литература, но треба да читаат заради ораторски способности.

-Оваа книга го дава и тоа за поврзаноста меѓу етичкото и политичкото, секогаш реториката била поврзана со етиката. Целта на реториката, на јавното говорништво не е само да се победи во дебатата, туку и да се дојде до вистината, која денес е малку подзаборавена, вели Стојанов.

Поврзани новости