„Брзи” и „евтини” кредити за скапа и отежната реализација на капитални проекти

by Fokus

Склучувањето на директни договори за капитални инфраструктурни проекти, без јавно наддавање го зголемува ризикот од корупција. Таков беше и договорот на тогашната влада со кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид,  анализира Институт за демократија во истражувањето „Втурнати во ќорсокак: заблудената верба во кинескиот корозивен капитал за изградбата на автопатите во Северна Македонија“. Но и покрај тој ризик, ваквите навидум евтини и брзи кредити се примамливи за политичарите од Западен Балкан.

Над 10 милиони евра за еден километар автопат, согласно постоечките проекции. Сума која и натаму може да расте. Толку ќе ги чини граѓаните автопатот Кичево – Охрид, проект кој освен што доцни 3 години, стана и речиси дупло поскап од првичната замисла, а сенка му фрли судскиот процес покренат за злоупотреба на службената должност и корупција.

Објавените прислушувани разговори во 2015 година од тогашната опозиција открија постоење на сомневања за корупција и злоупотреба на службена должност по што беше покренато обвинение. Специјалното јавно обвинителство отвори предмет „Траекторија“ против четири службени лица, високи владини функционери и соопшти дека постои основано сомнение дека буџетот е оштетен за 155.117.172 евра. Правна разврска на судскиот процес се уште нема.

Автопатот започна да се гради на 22 февруари 2014. Кредитот за оваа капитална инвестиција беше земен од кинеската банка „Еским“ и државата треба да го врати за 20 години. Во октомври 2013 година, Собранието го одобри кредитот, а во ноември беше потпишан договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и кинеската компанија.

Тогашната власт вети дека новиот автопат ќе биде готов за 4 години, во 2018 година, но во 2020 година, оваа делница е одвај половина завршена. Кинескиот изведувач „Синохидро“ сега има рок до 30 јуни 2021 година за да ја заврши изградбата на автопатот. Првите километри автопат меѓу Врбјани и Охрид најавено е дека ќе бидат пуштени во употреба оваа година.

Првичниот проект претрпе промени поради не совпаѓање на проектираната и изведената траса, градежните активности беа сопрени, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните. Властите велат дека вкупната реализација на проектот е нешто над 50%.

Беше најавено дека автопатот долг 57 километри ќе чини 374 милиони евра, но цената со дополнителните анекси на првичниот договор  до сега достигна речиси 600 милиони евра.

Анализата „Втурнати во ќорсокак: заблудената верба во кинескиот корозивен капитал за изградбата на автопатите во Северна Македонија“ може да ја прочитате тука.

https://youtu.be/wP1IbE9WfKk

 

 

Поврзани новости