Бројчаникот на Владата почна да врти со 300.000 евра повлечени од „Јадран филм“

by fokus

Од Владата информираат дека Агенцијата за филм успеала да повлече назад 300.000 евра кои претходната власт и ги додели на хрватската продукција „Јадран филм“ за реализација на играната серија „Македонија“. Ова е само дел од средствата кои го добие продуцентската куќа, а се одземени поради непочитување на договорот.

Државата претходно на хрватскиот продуцент Винко Грубишиќ му исплатила 1.100.000 евра, а повлечени се онолку колку што имало на сметката на „Јадран филм“. Грунишиќ имаше рок до септември годинава да достави готови епизоди од првата сезона, но материјалот воопшто не е доставен со што е пробиен рокот и погазен договорот, велат од Агенцијата.

„Како ќе се наплати остатокот од средствата ќе знаеме по завршување на истрагата на Јавното обвинителство и Финансиската полиција кои ја проверуваат документацијата за целиот период, од објавениот конкурс во декември 2015-та до четврти септември, кога истече рокот за предавање на 14 епизоди од серијалот. Со ова може да започне да врти бројчаникот на Владата, кој треба да ги брои одземените пари стекнати на незаконски начин“, велат од Владата.

Хрватската продукција „Јадран филм“ имаше обврска до септември годинава да достави готови 14 епизоди од серијалот „Македонија“. Тоа не беше сторено и договорот со нив беше раскинат затоа што во него постои извршна клаузула.

„Во недостаток на снимени материјали, односно непостоење на серија, „Јадран филм“ продолжува да манипулира со јавноста пласирајќи кратки видеа снимени во Загреб кои имаат за цел да остават впечаток во јавноста дека нешто се работи. Мојот апел е јавноста да не наседнува на овие трикови кои имаат за цел на целата работа да и дадат политичка заднина, наместо целата работа да се заврши правно“, вели директорот на Агенцијата, Горјан Тозија.

Договорот, вели тој, беше многу јасен – обврска на „Јадран филм“ беше да достави готови епизоди во септември, а не да објавува трејлери и сцени во неколку секунди во ноември.

„Дополнително, Грубишиќ изнесува видео материјали во јавноста, а при тоа ни тие снимки ги нема доставено до Агенцијата за филм. Ние како Агенција за филм, оставена во милионски долгови и со потпишани мегаломански, а неостварливи проекти од претходната власт, немаме пари да плаќаме ПР агенции, како што тоа го прави „Јадран филм“ во Скопје. Сега Грубишиќ е спремен да потроши илјадници евра за маркетинг кампања, да узурпира медиуми кои ќе му објавуваат некакви кратки сцени за да сее магла пред јавноста дека тој работи, ама ние не му даваме да доработи, но заборава на фактот дека не треба сега да снима и да пласира видеја, тој требал согласно договорот, веќе да има готови епизоди“, додава директорот.

Од Агенцијата се повикуваат на хрватските медиуми кои неодамна објавија дека сметката на „Јадран филм“ е блокирана и во оваа земја. Пред два дена, вели Тозија, Хрватската државна телевизија му раскина договор за продукција на играната серија „Гричка Вештица“. Во официјалниот одговор на ХТВ е наведено дека Винко Грубишиќ не ги исполнувал обврските од договорот. Исто така, во Хрватска се водат неколку судски спорови во последните 15 години во кои е вмешана „Јадран филм“.

„Затоа „Јадран филм“ треба да одговори на други прашања поврзани пред се, со непочитување на роковите и немањето банкарски изводи за парите- каде се трошеле? А не после непочитување на сите рокови да објавува видеја со измислени сцени, кои имаат намера да дискредитираат“, порачува директорот.

Поврзани новости