Британската амбасада во Скопје со поддршка на обуки за педијатриска прва помош во училиштата

by Fokus 15:44
15:44

Невладината организација ЛинкАкрос започна нова фаза обуки за зголемување на капацитетот на наставници и родители во основните училишта од областа на прва помош. Главниот донатор на проектот е Владата на Обединето Кралство преку Британската амбасада Скопје. ЛинкАкрос ќе обучи 250 наставници и родители во текот на оваа фаза, а проектот ќе биде реализиран во пет општини.

Целта на проектот, соопштија денеска од невладината ЛинкАкрос, е се повеќе луѓе, првенствено тие што работат со деца, да се стекнат со нови знаења и вештини за укажување на адекватна педијатриска прва помош. Преку партнерство со Универзитетската клиника за детски болести Скопје досега, стои во соопштението, ЛинкАкрос има обучено преку 1000 учесници – воспитувачи, негувателки и наставници во пет градови низ Македонија.

- Advertisements -

Првата обука се одржа минатата недела во општина Куманово со д-р Ѓорѓи Паскалов. Наставници по одделенска настава и родители имаа можност да го применат тоа што го слушаат вежбајќи реанимација на медицински фантоми. Предавачи на обуките се стручни лица, лекари, со искуство како предавачи на обуки за прва помош. Сите учесници што ќе го положат финалниот тест ќе добијат сертификат.

– Еден од позначајните резултати од проектот е изработката на протоколи за постапување во ургентни ситуации. Протоколите се изработени во согласност со стандарди прифатени од Американската Академија на педијатри и ги следат најновите препораки при укажување прва помош. Исто така, снимен е и видео серијал со обуки достапен на страна www.prvapomos.mk., се појаснува во соопштението.

Благодарение на финансиската поддршка на Британската амбасада Скопје, се продолжува со проширување на проектот и се зголемува бројот на обучените наставници во нашата земја.

– Обуката е важен чекор кон поголема превенција и сигурност. Адекватна и навремена реакција во итни состојби може да влијае значително на крајниот исход за едно дете. А во педијатријата, едно дете е многу! , се подвлекува во соопштението.

Поврзани новости