Британија и САД ги советуваат своите државјани да не патуваат во Шри Ланка

by fokus

Велика Британија ги советува своите граѓани да не патуваат во Шри Ланка, освен во неопходни случаи, се наведува во денешното соопштение на Форин офисот, со предупредување дека терористите најверојатно ќе се обидат да извршат нови напади.

Британскиот Форин офис наведе дека нападите би можеле да бидат извршени неселективно, вклучувајќи и места кои ги посетуваат странци.

-По монструозните напади извршени на Велигден во неделата и безбедносна операција, која е во тек во Шри Ланка, јас одлучив да ги обновам советите за британските државјани поврзани за патување во Шри Ланка и да ги посоветувам да не заминуваат, освен во неопходни случаи, изјави британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант.

И Амбасадата на САД во Шри Ланка денеска, исто така, предупреди дека во текот на викендов би можеле да бидат нападнати верски објекти во земјата.

Предупредувањето следува откако премиерот на Шри Ланка Ранил Викремесинге изрази сомнеж дека екстремистите, кои веројатно имаат пристап до експлозиви, се уште се на слобода во таа островска држава.

Најдовме многу осомничени, но сé уште има активни лица кои се во бегство, вели Викремесинге.

-Тие можеби имаат експлозиви со себе, така што мораме да ги пронајдеме, истакна тој.

Полицијата, во меѓувреме, објави јавна молба за добивање информации во врска со три жени и еден маж, за кои се сомнева за вмешаност во бомбашките напади.

Во нападите врз цркви и хотели минатата недела за време на католичкиот Велигден, загинаа 359, а беа повредени повеќе од 500 луѓе.

Одговорноста за нападот ја презеде екстремистичката група Исламска држава.

Поврзани новости