Бранко Јаневски: Феноменот на македонскиот плурализам

by Фокус

Текстот е објавен во 2008 година во неделникот „Фокус“ во бројот 671

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Во загревањето пред официјалниот старт на изборната трка, веќе неколку дена јавноста се забавува со „палавостите“ на Бранко Јаневски и неговата Социјалдемократска партија. Инвентивноста на лицето Б.Ј. додуше не му е на „најголем максимум“ штом одлучил да ја си ја „прекопира“ финтата од парламентарните избори 2006 година. И тогаш Јаневски истрча со „двојници“ на СДСМ-овските носечки имиња. Формулата се покажа успешна.

Секако, СДПМ не доби ниту едно пратеничко место. Но тоа и не беше целта на целата шашма. „Бенефитот“ беше остварен со тоа што итроманот Јаневски им ги поремети есапите на СДСМ-овците, а самиот потоа од „портокаловите“ беше награден со директорска фотеља. И ова доволно кажува за чија кауза тогаш трчал сега веќе актуелниот директор на Управата за прашања на борците и воените инвалиди. Да, да, таму го смести Никола Груевски. Добар избор! Вистинско место за овој борец на македонскиот плурализам.

За кого игра сега?! Кој е Бранко Јаневски? Што партија е СДПМ? Е на овие прашања ќе се обидам да пронајдам одговори. Можеби некој веднаш ќе „промрчи“ чуму да се арчи време и простор за вакви маргинални ликови или пајтон партии. Но, се лажете! Преку „ликот и делото“ на Јаневски и СДПМ најдобро се отсликува системот на вредности кој „дрма“ во македонската бесконечна транзиција.

Систем во кој ваквите „фацки“ се образец за успешен човек наспроти огромното мнозинство лузери. Преку неговиот развоен пат во плурализмот ќе сфатите како може секогаш да се биде „горе“, без оглед на сработеното. СДПМ, пак, е прототип на „one man show“ партија, која егзистира успешно, без пари на сметка, но секогаш во погон кога треба.

Преку овој портрет, пак, во крајна линија ќе ги здогледате моралните перформанси на двете главни политички партии: СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Токму така! Го создадоа „розите“, ама добро им служи и на „лавчињата“. Всушност, и не знаеш кога, за кого одработува феноменот на македонскиот плурализам – Бранко Јаневски

УДБА КРЕИРА ВИРТУЕЛНА ДЕМОКРАТИЈА

Значи, да се знае, СДПМ произлезе од лабораториите на службите на наследниците на Комунистичката партија. Ја создадоа „човеците“ во функција на „Бихачка“. Ја негуваше Бранко Црвенковски. Ѝ даваше кислород Тупурковски. Ја храбреше Љубчо Георгиевски. Ја препороди Груевски во „сто чекори“. Јаневски му доаѓа нешто како нивен заеднички трофеј кој ги покажува шемите на позадинските игри на политичката сцена. И бидете убедени дека комотно ќе „фура“ и натаму. Затоа што одигрувал и за едните и за другите. Доволно знае како се крчкале сценаријата во кои тој добивал главна улога, која потоа била солидно наградена.

Затоа и не ме чуди што сега не СДСМ, туку ЛДП се јавува како поднесувач на кривичната пријава против СДПМ, демек против партијата а не лидерот. Ова лидерот мора да се стави под наводници, затоа што овој лидер нема кого да предводи. Е, ЛДП ги повикаа и институциите да ја разоткриеле позадината бидејќи ваквите изборни манипулации не биле воопшто наивни.

Бре, другари и другарки, браќо и сестри, дами и господо, па каде бевте во изминативе две децении?! Како СДСМ наеднаш виде „манипулација“ во партијата – „ЈАНЕВСКИ“. Да, освен него тешко дека ќе знаете друг. Можам да се обложам дека и овој пат и ова чудо ќе трае три дена. Ќе трагаат новинарите по баба Рада Шеќеровска, по другите „дублери“ на Игор Шема, на Заев и Манасиевски. И сѐ ќе падне во заборав кога ќе се залауфаат во страстите на изборната кампања. СДСМ, сепак, на момент ќе поентира. Преку својот брендиран призвод – СДПМ, ќе даде доказ за мучките на власта на ВМРО.

Но, да одиме по ред. СДПМ е меѓу првите регистрирани политички партии во Македонија. Некои тврдат прва, други велат дека е втората партија во плурализмот. Сеедно, на врвот на оваа лева партија беа Славко Милосавлевски и професорот од Економскиот факултет, Тихомир Јовановски. Таму се среќаваа и имињата на д-р Јован Донев, кој последниве години е на чело на Институтот „Евро Балкан“.

Но занимлив е податокот дека одреден период на оваа Социјалдемократска партија како генерален секретар се појавува и Стево Пендаровски, кого сетете се, од МВР во јавноста го лансираше Доста Димовска. Црвенковски благопријатно го прифати за прв човек на ДИК, кога „државникот“ го избиравме. Сега, еве, си работи на вистинското место – советник на Б.Ц. Но од „благонадежните“ полициски кадри имало и други. Велат дури и дека Миодраг Лабовиќ некое време изигрувал портпарол на СДПМ. Патем, до неодамна Лабовиќ беше директор на Финансиската полиција. Напрасно беше разрешен или самиот замина, сеедно, но „розите“ збор не проговорија за „деталите“.

Конечно, деновиве преку вечната „ружа“ Ѓорѓи Спасов дознавме дека Бранко Јаневски да ти бил „зет на разузнавачот Диме Ѓурев“. Сево ова сепак ја креира сликата за улогата на ДБК во македонскиот плурализам. Благодарение на „УДБА-инсталациите“ во партиите се созадаваше виртуелната демократија. Доволно е да се направи преглед како сите вмровци што се отцепуваа од Љубчовата ВМРО потоа на генијален начин осамнуваа во пазувите на власта под контрола на Црвенковски. Некој на помошничко министерско место, друг во дипломатско-конзуларните претставништа. Важно беа „збринати“.

„ЏОН СМИТ“ ВО МАКЕДОНСКА ВЕРЗИЈА

Бранко Јаневски ги има сите предиспозиции да биде „ко створен“ за заштитен бренд на македонската виртуелна демократија. И името му е потаман. Не боде очи, се губи во масата. Ќе го заборавите додека сте го слушнале.  Како Џон Смит кај англичаните. Фацата и ретко ќе му ја видите. Се појавуваше само за сликање. Прво со имењакот му Црвенковски, па со Цилета, па со Љубчо. Грујо не го удостои за фотосесија, ама добро го вреднуваше неговиот „боречки“ стаж. Јаневски секогаш добивал функции кај што се врти пара, ама не се „нобел“ да бидат третирани пред јавноста.

Сепак, во СДПМ тој се појавува малку подоцна за „лидер“. Првично по формирањето, биле водени разговори за спојување со СДСМ. Но дилот пропаѓа, за што постојат најразлични верзии. Нејсе! Милосавлевски беше потоа испратен за амбасадор во Белград. Нашите извори тврдат дека Бранко Јаневски бил кадар на професорот Тихомир Јовановски. Кога и како ја стекна научната титула магистер останува енигма. Не е чудо и ова да е негов „бенефит“ од плурализмот. Во секој случај, откако истрча на теренот, на Јаневски одлично му тргна.

Беше просто фасцинантно, како да е „питање части“, да се склучи со Јаневски договор за коалиција. Црвенковски тоа го стори кога во Собранието и немаше опозиција т.е. во 1994-1998 г. Да се крстиш, да не веруваш што фајде беше во „стратешкиот договор“, кога тоа веќе беше човек-партија. Го овековечија „самитов“ и камерите. Толку му беше важен Бранко. Се разбира, „лидерот“ потоа беше сместен во некое министерство, за финансии ли или нешто друго. Сите знаат дека бил на некоја функција ама никој не се сеќава која.

Навистина, тешко се памети. Тука се плетат разни легенди и преданија за улогата што ја имал, но не е битно. Интересно е дека никогаш, никому од бихачките медиумски труби тогаш не им попречуваше фамозниот човек партија и неговите изборни финти.

Поразот на СДСМ на изборите во 1998-та не му ја сотре кариерата на Јаневски. Излезе напрасно со Цилета повторно официјално пред камери. Беше овековечен и тој историски момент кога склучија договор за „сурадња“. И така, Јаневски беше назначен за в.д. директор на ГТЦ. Како галантен господин барем така прозвуче веста, во 2001-та за 8 март ќе поарчи околу 7 000 марки на скапи подароци за дамите од ГТЦ. Ги дарувал со прибор за нега на ноктите. Според добиената фактура, Јаневски платил по 116 марки за еден примерок, а нивната реална цена, тврдеа тогаш вработените била 500 денари.

Му се бунеше синдикатот. Го обвинуваа дека формира паралелни служби, во смисла ангажира приватни агенции и лица кои ќе ја вршат работата наместо вработените. Сепак, набрзо УО го разреши Јаневски од в.д. директор и назначи кадар на ДПМНЕ. Едно приватно претпријатие најави тужба против Јаневски како в.д. директор на ГТЦ за злоупотреба на службена положба, поради непочитување на судски одлуки, предизвикување тепачки, оштетување имот, загрозување на сигурноста и поради самовластие. Се жалеа дека имале договор за закуп на деловен простор, а Јаневски без да го раскине го издал на друга фирма.

БУЧКО ЈА ИЗМЕРИ ИНТЕЛЕГЕНЦИЈАТА НА БРАНКО

Тогаш, во април 2001-та наеднаш и УЈП најде дека во 2000-та Јаневски за 22 дена потрошил речиси 2 милиони денари, колку што за една година изарчил претходниот директор. Му замерија што префрлал 130 милиони денари како заеми на „Стокови резерви“, „Алмако банка“ и на „Нова Македонија“.

Додека за заемите на овие фирми постоел договор, за префрлените пари на фирмата „Винојуг“ немало никаков договор. Дупка од 6 милиони марки во финансиското работење на ГТЦ се нашло и поради неевидентирање на трошоци за градежни работи. На Јаневски му беше ставено како грев и што си вработувал свои луѓе. меѓу нив, на платниот список на ГТЦ се објави дека била и Параскева Чатмова. Дотичната претходно била некој фактор во кабинетот на Никола Кљусев. Подоцна истата ќе бидне потпретседател на СДПМ.

Сепак треба да се има на ум дека Циле три-четири месеци пред популарноста на Јаневски да избие во јавност беше ја напуштил коалицијата со Љубчо. Беше ли ова одмазда од ВМРО-овците кон кадарот на Циле?! Но тоа станува ирелевантно, со оглед на тоа што овој извештај на УЈП ништо не постигна. Или постигна?! Набрзо видно озарен од среќа и Георгиевски удри фотосесија со „лидерот“ на СДПМ. Уште едно стратешко партнерство реализираше Јаневски. И продолжи среќно да си живее на политичката сцена.

Во секој случај, преку Циле, а потоа и Љубчо „чедото“ на Бихачка се учипи одлично кај „Променџиите“. И сите овие извештаи „ги одува ветерот“.

На легендарните 15-септемвриски избори во 2002-та Јаневски повторно избива како скандал мајстор. Излезе на виделина дека тројца Гевгеличани се нашле на листата на СДПМ без да знаат, без воопшто и да бидат прашани. Медиумите открија дека ујдурмата со вака пополнети листи била користена и во минатото пред 2002-та. Кандидатите кои не знаеле дека се кандидати ја алармираа јавноста и Републичката изборна комисија. И мислите дека имаше фајде? Напротив, власта на СДСМ и Црвенковски го игнорираа сетоа тоа. Каде беше во овој период Јаневски останува енигма. Но, очигледно не му било лошо.

Во 2004-та, на пример, дури ќе најави учество во претседателската трка, ама потоа „ничим изазван“ се повлече. И доаѓаме до изборите во 2006-та, кога доби гласност и неговата итра изборна тактика со двојници на СДСМ-овските носители на листи. Во „тројката“ на Никола Поповски, СДПМ му спротистави извесен Никола Поповски. Во „петката“ Илинка Митрева од СДСМ беше против Илинка Митевска од СДПМ. Во „шестката“ Јани Макрадули го доби за противник Јани Маја.

Изборниот штаб од Бихачка потоа ова го прогласи за тежок изборен скандал. Поразениот лидер Бучковски тогаш тврдеше дека голем удел во нивниот пораз имала токму „новата перфидна изборна манипулација што ја направи СДПМ на Бранко Јаневски“. Кои се старите перфидни изборни измами на Јаневски, не откри. Удри есап дека со „двојниците“ им одзеле минимум 3 мандати. Даде уште еден елемент за портретот на Б.Ј. Според Бучковски „интелегенцијата на Јаневски не е толку завидна да смисли една таква манипулација“.

А, за да му ја оценува интелегенцијата, мора да ја имал таа привилегија да ја „почувствува“. Оваа демек интелегентна изборна измама им ја припиша како дело на дел од структурите на ВМРО ДПМНЕ.

ДАДА РАДА И БАБА РАДА НА ТВ ДУЕЛ?!

Иако Изборниот штаб на СДСМ за целата оваа манипулација најави дека подготвува кривична пријава, денес не слушнавме што бидна од најавата. Молкот за ова е индикативен, особено што врескаа дека е тоа смислена изборна измама за која информирале и во ОБСЕ. Дека во други земји за ваква измама се оди в затвор. Обвинија и дека плакатите на СДПМ ги лепеле активисти на ДПМНЕ бидејќи „партијата на Јаневски нема членови кои би го правеле тоа“. И денес гледаме дека целата фрка само им беше да си „плакнат уста“. А тогаш беа и власт.

Сепак, штафетната палка Б.Ј. веќе беше во рацете на ДПМНЕ. За ваквата изборна „спрдачина“, Јаневски потоа беше „одликуван“. Орденот „борец за плурализам“ беше материјализиран во директорското место за боречко инвалидска заштита. Оваа Управа за прашања на борците и воените инавлиди е под надлежност на Министерството за труд и социјална политика. Зошто Груевски го смести Јаневски на оваа позиција?! Способен менаџер?! Па, малку ли кажуваше извештајот од УЈП за неговото директорување со ГТЦ во 2000-та?! Додуше беше тогаш само в.д. нели! Всушност ваквото сместување на Б.Ј. на функција, иако не беше дел од „портокаловата коалиција“ доволно илустративно говори за кој тим играл тогаш „лидеров“.

Но ако „боречкиот стаж“ на Јаневски за груевистите во 2006-тата е неспорен, најновиот „римејк“ на истиот филм ме доведува во дилема. Или ВМРО-овците се ептен аздисани или ептен глупи доколку мислат дека со иста и тоа провалена финта во кусо време можат повторено да ќарат. Или, пак, можеби Б.Ј. сега пак го разиграа оние што го создадоа?! Да, да, не се далдисувајте!

Кога можеа да го пакуваат случајот „Јама“ на Љубе Бошкоски, а тоа Верушевски потоа да го чува овековечено на CD, тогаш зошто да нема нивен потпис и на една вкава скаламуција. Ете, креативно да му вратат на Грујо за дубарата од претходните избори. Или со нивен камен, по нивна глава! Како што ВМРО-овците се радуваа кога со нивниот изум – Б.Ј. во 2006-та им закуцаа „тројка“. И така сега „исончаниот“ Игор Шема најавува дека овој обид за изборна измама ‘ВМРО ДПМНЕ го прави преку својот стар партнер Бранко Јаневски’.

Заборава дека ним им е уште постар, партнер, нели. Груевистите, пак, феноменот Јаневски го коментираа со „не се мешаат во судирот на левицата“. Ама не објаснија зошто токму од левичарските кадровски бисери изнајдоа директор за боречки прашања. И иако Груевски собра „под сенка“ сѐ живо и диво во коалиција, единствено го остави Јаневски сам на „сонце“. Во целиов циркус фали уште дада Рада да ја предизвика баба Рада Шеќеровска на ТВ дуел.

Б.Ј. за целово време мудро молчи. Секретерката рутински ви одговара дека е отстен. Мобилниот му е исклучен. Знае добро дека треба уште малку да издржи, и потоа повторно ќе падне во заборав. Всушност, Бранко Јаневски не е претседател на партија, туку бренд на македонскиот фингиран плурализам. И како што и самиот милува да реагира, што друго да се каже освен „Во име на плурализмот, нека им служи на част“!

Избори 2006
НЕМА ПАРИ НА ЖИРО СМЕТКА, А ТРОШИ „НАЈМАЛ МИНИМУМ“

По парламентарните избори 2006-та партијата на Јаневски со задоцнување ќе достави финансиски извештај до ДИК. Како изгледа овој документ, пак, е посебна приказна. Патем, Јаневски е потпишан како магистер. Изгледа магистрирал на „најмал минимум“ како што ќе ја срочи финансиската конструкција за кампањата на СДПМ. Поточно ќе наведе дека потрошиле „финансиски средства кои можат да се изразат со потрошени средства од најмал минимум“. Уште повеќе ќе обнароди дека „СДПМ никогаш и во претходниот период и сега финансиски средства на партиска жиро сметка нема“. Она малку за превоз и кафе го давал Б.Ј. од свој џеб. И бидејќи било малку не заслужувало внимание и немало потреба да се прави финансиски извештај. И следува бисерот: „Мислиме дека нашето објаснување за нашата финансиска состојба ќе биде доволно да Ве убедиме дека СДПМ нема финансиски средства, тоа исто така добор го знае и македонската јавност“.

Еве, ова беше колку да знае македонската јавност!

Анкетен лист
УСПЕШЕН ВО ТРАНЗИЦИЈАТА

Како директор на Управата за прашања на борците и воените инвалиди, Бранко Јаневски имаше обврска да даде детален преглед за неговата имотна состојба. И оваа обврска ја изполни со задоцнување откако се најде на списокот на Антикорупцсиката комисија за прекршочна пријава. Потоа сепак се поправи, па обнароди дека поседува 3 стана, една куќа за одмор, земјоделско земјиште, Ауди А4, Мерцедес C200 SDI, акции наведени како 700=3.000 денари, девизна штедна книшка со околу 6.800 евра и девизна кредитна картичка.

Најголемо „движно“ богатство изгледа му е лидерската позиција во СДПМ. Чиста социјалдемократија!

Стојменов контра Јаневски
„НАЈГОЛЕМ АПАШ“ – ВО ИМЕ НА ПЛУРАЛИЗМОТ

Името на Јаневски се најде и во стенограмот од прислушуваниот телефонски разговори меѓу Борис Стојменов и Борис Трајковски од скандалот „Големото уво“. Имено, Стојменов му приговара на Трајковски за средбата со „најголемиот апаш“. Дијалогот оди вака:

Б. Трајковски: Кој е тој со кого сум се сретнал?
Б. Стојменов: Бранко Јаневски. Тој е најголем апаш.

Откако Вест ги објави деталите, Јаневски реагираше за „несоодветните квалификации“, како што ќе напише, споменати од „устата“ на Б.С.

„Во име на плурализмот нека му служи на чест“ – ќе ги демантира кусо Јаневски квалификациите од Стојменов.

Во име на плурализмот, тој сепак далеку дотурка!

Поврзани новости