Бранко Азески: Државата мора да работи на соработката со регионот на Западен Балкан

by Fokus

Најуспешните компании-членки на комората за 2019 година добија награди и признанија од премиерот Спасовски и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

-Државата мора да изгради нова визија и да ги дефинира идните развојни приоритети кои ќе бида основа за поконкурентна економија и силни извозни капацитети, нови извозни компании и извозни производи кои ќе бидат конкурентни на светските пазари. Посебно место тука треба да има развивањето на соработката со регионот на Западен Балкан, каде што постои компатибилност на економиите и на производите, смета Азески.

Од одбележувањето на годишнината, Стопанската комора испрати порака дека извозот, индустријата, регионалната соработка, одржливиот раст и инвестициите, се клучната определба на бизнис секторот во земјава. Државата, пак, мора целата енергија да ја насочи кон градење нова визија и дефинирање на развојните приоритети базирани на поконкурентна економија и силни извозни капацитети. Според Комората, треба да се препознаат новите извозни компании и извозни производи кои ќе бидат конкурентни на светските пазари.

-Владините економски политики креирани во соработка со бизнис секторот направија пресврт на многу полиња. За 2,5 години се постигнати резултати и бројки како никогаш досега. Членството во НАТО, пак, и добивањето датум за преговори со ЕУ, преку зајакнување на нашата геостратешка позиција, дополнително ќе придонесат за раст, развој, зголемување на инвестициите, на кредитниот рејтинг и перспективите, рече денеска премиерот Оливер Спасовски во обраќањето на настанот со кој Стопанската комора на Македонија одбележа 98 години постоење.

Сакаме да создадеме креативна, модерна, современа, дигитална економија на третата деценија од 21-от век, потенцира Спасовски и додаде дека тоа треба да се оствари заедно со стопанските комори, особено со Стопанската комора на Македонија, која е најстара и најискусна, но е и еден од најзначајните економски фактори во земјава.

И вицепремиерката за економска прашања, Мила Царовска, претходно нагласи дека политиките спроведени во соработка со бизнис секторот дадоа резултати. Затоа, рече таа, партнерството мора да продолжи. Повеќе од очигледно е дека компаниите се ослободени и се развиваат, а тоа може да се воочи преку растот на индустриското производство и растот на трговската размена кој лани достигна 10 отсто.

Во рамки на настанот се одржува и панел дискусија на тема „Западен Балкан на глобалните пазари: Нови можности за трговска размена и инвестиции”.

„Микросам“ Прилеп, „Леарница“ од Охрид како и фирмата на поранешниот вицепремиер за еконосмки прашања Кочо Анѓушев „Брако“ добија признание за најиновативни извозници.

За придонес во работата на Комората признанија добија Телеком, ЕВН, „Гранит“, САСА, „Бетон“, „Витаминка“ и „Бучим“, а најголем придонес во едукацијата дале „Алкалоид“ и Стопанска банка од Скопје.

За прв пат комората додели и признанија на занаетчиски дуќани и тоа на опинчар од Охрид и на сервисер од Битола.

Главното мото на Стоманската комора годинава е „Со членството моќни, во визијата истрајни”.

Поврзани новости