Боцевски ги спојува македонските иселеници во Аргентина со нивните роднини во Македонија

by fokus

Елијас Јосифовиќ од Ел Мајтен Аргентина, потомок на македонски иселник кој во триесетите години на минатиот век пристигнал и се населил во оваа јужноамериканска држава, во потрага по своите корени по прв пат го посети родното огниште на неговиот дедо Царев Двор.

Елијас живее во Ел Мајтен, а средбата со неговиот братучед Митко Маринчевски се случи деновиве со помошта што ја добил од македонската Амбасада во Бразил и на градоначалникот на Општина Ресен, д-р Живко Гошаревски. Дедовците на Елијас и на Митко се родени браќа, а Јордан, дедото на Елијас, пристигнал во Аргентина со својот брат Ангел во 1931 година, патувајќи со бродовите на Црвениот крст, како и бројни други Македонци од тој период.

-Најубав момент во работата на нашите амбасади е токму спојувањето на македонските семејства од матицата и од дијаспората. Оваа фотографија не може ни да ги долови емоциите на средбата помеѓу братучедите од Царев Двор и од Ел Мајтен во аргентинска Патагонија, вели амбасадорот Ивица Боцевски.

Тој појаснува дека пред неколку денови амбасадата добила телефонски повик од градот Ел Мајтен (El Maitén), кој што се наоѓа во провинцијата Чубут во аргентинска Патагонија. Македонците во таа област потекнуваат, вели, главно од ресенско и од битолско, а ја бараа амбасадата затоа што сакаат да го посетат своето родно огниште.

Според амбасадорот Ивица Боцевски, најголем проблем со македонската заедница во Аргентина (и општо во јужната хемисфера) е фактот што нивните здруженија се пред изумирање и најчесто со врзани со останатите словенски народи од Балканот во кровни организации. Исто така, вели, амбасадата веќе побара од Националната библиотека на Буенос Аирес да бидат дигитализирани и врачени на самата амбасадата и на Државниот архив печатените весници и магазини кои што излегувале на македонски јазик во Буенос Аирес во 1940-тите и 1950-тите.

Статистичките податоци, покажуваат дека Буенос Аирес бил еднакво атрактивен за македонските иселеници, колку и Њујорк, сѐ до страотниот економски пад на земјата во доцниот период на првото владеење на Перон. За жал, македонските иселеници се расеани ширум Аргентина, Уругвај, јужен Бразил (пред сѐ државата Рио Гранде до Сул), околу градот Сао Паоло во Бразил и градот Лима во Перу, па дури и во низинските подрачја на Боливија. Тие највеќе работеле во градежната индустрија, како најобични физички работници, или добивале земја за работа во широките пространства на пампасите. 

Поврзани новости