Бошњаковски: Јавноста со право реагираше за бонусите во ДИК како и за патните трошоци во Собранието

by fokus

Владата нема ингеренции да интервенира во одлуките што ги носи Државната изборна комисија, рече владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, по реакциите во јавноста за високите бонуси што си ги делеле членовите на Комисијата на затворени седници.

-Државната изборна комисија е независна институција и Владата не може да се меша во тоа како комисијата си го распределува буџетот. Свесни сме дека и медиумите и јавноста бурно реагираа на одлуките на членовите на ДИК да си доделат бонуси, но што се однесува до Владата, таа нема ингеренции да интервенира. За тоа треба да ги прашате во ДИК – рече Бошњаковски на денешниот брифинг со новинарите.

Тој посочи дека проблемот е ист како проблемот со патните трошоци на пратениците во Собранието на Република Македонија.

–Таму е слична ситуацијата, и јавноста со право реагираше, но Владата не може да наложи да се измени деловникот на Собранието. Тоа е нешто што самите пратеници треба да го направат и да отстранат нешто што ја разлутува јавноста – додаде тој.

Поврзани новости