Борко Ристовски не ги коментира негативните коментари: Ракометот треба да е позитивна работа!

by Fokus

Покрај многубројните фанови, кои деновиве отпатуваа во Хрватска да ги бодрат нашите ракометари, најверни поддржувачи секогаш им се и нивните сопруги и девојки, кои неретко навиваат за нив од трибините.

Понежната половина на нашиот голман Борко Ристовски, Николина, овојпат не е со него во Хрватска, но со цело срце го бодрела пред малите екрани, бидејќи е во поодмината бременост, а околу негативните коментари на социјалните мрежи по повод вчерашниот пораз од Шпанија, вели дека ниту таа, ниту пак Борко не зборуваат на таа тема никогаш.

-Моментално не сум во Хрватска, бидејќи влегов во осмиот месец од бременоста и многу би ми било напорно да сум таму. Што се однесува до негативните коментари упатени кон спортистите, јас навистина ниту ги читам, ниту ги вреднувам, бидејќи никому не му е потребна негативна енергија, посебно сега. Со Борко ниту еднаш не сме зборувале за тоа, всушност тој никогаш и не коментира такви работи. Свесни сме дека постојат луѓе кои така негативно се празнат, но тоа не е начин на кој се коментира првенството – вели Николина.

Таа додава дека иако не е со својот свршеник, сепак редовно ги следи утакмиците и е огнена навивачка пред малиот екран.

-Јас ги следам сите натпревари и со цело срце навивам за Македонија, верувам во што подобар пласман. Ракометот треба да е убава работа, позитивна, поради која луѓето ќе се собираат и навиваат за својата држава, ќе ги почитуваат и вреднуваат сите ракометари кои даваат се од себе за што подобар пласман на ЕП – раскажува Николина.

Околу вмешувањето на политиката во спортот, односно околу коментарите на приврзаниците на ВМРО, во кои го нападнаа премиерот Зоран Заев и го посочија како малер на нашата екипа, кој со своето присуство во салата им донел лоша среќа во спортот, Ристовска е категорична дека политиката не треба во никој случај да се спојува со ракометот или со било кој друг спорт.

-На оваа тема со Борко не зборуваме никогаш, нема ниту сега.Ракометот не треба да се спојува со политика на ниту еден начин – порача таа.

Македонскиот репрезентативен голман Борко ја запроси Николина за време на верскиот празник Божиќ, по врска од повеќе од една година. Пред неколку месеци за ,,Фокус’’ открија дека очекуваат син.

Вики Клинчарова

Поврзани новости