Борисов: Со новата влада ќе разговараме за европскиот план за Македонија

by Fokus

Само стабилно управување во Македонија може да ги смири политичките страсти во земјата, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов за телевизијата „ТВ+“, откако претседателот Ѓорге Иванов го врачи мандатот за состав на влада.

Борисов, откако Европската унија го поздрави доделувањето на мандатот на опозицискиот лидер Зоран Заев, оцени дека сега се е во рацете на политичарите во Македонија.

Според бугарскиот премиер, откако ќе има влада ќе може да биде организирана билатерална средба за европската иднина на Македонија.

– Моментот кога ќе има влада ќе организираме билатерална средба со колегите од Македонија, заедно со министрите за надворешни работи и да го направиме европскиот план за Македонија, бидејќи нас ни претстои претседателството со ЕУ и претпоставувам дека на агендата ќе биде темата за проширувањето – изјави Борисов.

По случувањата на 27. април во македонскиот Парламент, бугарскиот премиер Борисов остварил телефонски разговори со македонскиот претседател Иванов, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на СДСМ Зоран Заев, и како што пренесува „стандардњус.ком“, повикал за смирување на ситуацијата, почитување на законите и изразил поддршка за евроатлантската интеграција и територијалниот интегритет на Македонија.

Поврзани новости