Борисов потсети на Ратко Младиќ како предупредување за земјите кои не соработуваат

by fokus

Премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, на прес конференцијата по заедничката владина седница, изјави дека секогаш може да се најде причина за кавга, но дека двете Влади денеска работат на подобрување и развивање на односите.

На прашањето за мислење по однос на изјавите од бугарски лингвисти кои сметаат дека македонскиот јазик е западно бугарски дијалект, Борисов рече дека го почитува прашањето.

-Пред малку се сретнавме со граѓаните на Струмица и апсолутно се разбиравме, сега како што гледам нема слушалки за превод ниеден од новинарите, ниту македонските ниту бугарските. Што поважно има од тоа дека се разбираме и одиме напред. Важните прашања се патишта, работа, приходи, а за таа тема нека расправаат научниците – рече тој.

Борисов го посочи министерот за одбрана Красимир Карачанов, кој, рече, е многу поподготвен на темата.

-Па наместо договор за соработка, може да се сретнат тука со министерката Шеќеринска качени на тенк. Ниту ние ќе дојдеме да живееме тука ниту вие кај нас. Можеме само да си направиме подобри услови за живот – истакна тој.

Бугарскиот премиер потсети на вчерашната пресуда за српскиот генерал Ратко Младиќ како предупредување за земјите кои мораат да најдат заеднички јазик.

-Ако државите не најдат ваков пат каков што ние се обидуваме, следува такво нешто како вчера: жртви, крв и страшни глетки. Европската унија потроши милијарди во таа војна. Каква ни беше користа од тоа што се случи, кој има претензии од вас или нас за да си поставуваме сега такви прашања. Одговор на прашањето е дека се разбираме добро – додаде тој.

Македонскиот премиер, Зоран Заев, пак, рече дека договорот за добрососедство е потпишан на двата јазици и додаде дека го јакне пријателството меѓу двете земји.

Поврзани новости