Борисов побара дневно да се вакцинираат по 10.000 граѓани

by fokus

Бугарскиот премиер Бојко Борисов повика на забрзување на вакцинацијата, така што 10.000 луѓе ќе се имунизираат на ден наместо сегашните 4.500 неделно и помалку од 100 за време на викендите. Денеска е поставена организација со помош на која ќе се достигне 10.000 вакцинирани, соопшти бугарскиот министер за здравство Костадин Ангелов за време на состанокот со премиерот Бојко Борисов на Советот на министри, јави дописникот на МИА од Софија.

Тоа би бил рекорден број на луѓе вакцинирани на ден од почетокот на имунизацијата на крајот на минатата година.

– Четвртата фаза од планот за вакцинација ќе биде комбинирана со другите фази. Во болниците во Бугарија ќе се создадат зелени коридори за да може процесот да се забрза, вклучително и за време на викендите, рече Борисов.

Така, стапката на вакцинација значително ќе се зголеми, „ќе имаме уште поголем штит против пандемијата и нема да има потреба од дополнителни затворања или ограничувања, како што има во другите земји“.

Во исто време, Борисов се пофали дека земјата стои многу добро во однос на анти-епидемиски мерки и морбидитет во споредба со другите земји со многу построги ограничувања и многу поголем процент на вакцинирана популација, што премиерот го објасни со „Божјата помош”.

– Бугарија вчера имаше 1.086 нови случаи. Соседите од Грција, каде што се наоѓаат во целосна блокада со месеци, имаат 1.400, Србија – 2.561 и Чешка – 10.813, што е исто население со Бугарија. Значи, има две работи: адекватен третман со лекови и немам друго објаснување за овие податоци … Во Бугарија, рака на срце, луѓето не знаат што е пандемија. Тие не знаат како е да се биде затворен, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Поврзани новости