Борисов и Меркел на видео-состанок- се барала формула за почетокот на преговорите на земјава

by fokus

Бугарскиот премиер Бојко Борисов оствари видео-конференциски состанок со германската канцеларка Ангела Меркел, на кој станало збор за обидите на Северна Македонија и Бугарија да ги приближат позициите во однос на недоразбирањата што настанаа изминатиот период, а во насока да се овозможи одржувањето на првата Меѓувладина конференција меѓу земјава и Европската унија.

За разговорот со Меркел информираше Борисов на својот фесбук-профил.

-Се заблагодарив за нејзината лична заложба и онаа на германското претседателство за барање формули за да се овозможи почеток на преговорите на Република Северна Македонија за членство во ЕУ. Верувам дека со помош на Германија, особено за време на нејзиното претседателство Советот на ЕУ ќе се донесат силни и правилни одлуки, напиша Борисов на ФБ.

Бугарските медиуми објавија дека половина ден по министерската средба во Берлин, германската канцеларка Ангела Меркел имала разговор преку онлајн врска со бугарскиот премиер Бојко Борисов околу забелешките на Софија за отпочувањето на Меѓувладината конференција.

-Бугарија и јас сме благодарни за посветеноста на германското претседателство и вам лично за изнаоѓање формули што ќе ѝ овозможат на Република Северна Македонија да започне преговори за членство во Европската унија, ѝ рекол Борисов на Меркел, јавува Бугарското национално радио.

Разговорот, како што е објавено, траел 40 минути.

Поврзани новости