Борисов до Заев: Ние секогаш сме подготвени да им помогнеме на нашите најблиски соседи и пријатели

by Fokus

Откако вчера бугарската влада објави дека земјата ќе донира за Северна Македонија дел од секоја пратка вакцини против ковид-19, што ги купи директно од производителите, денеска премиерот Бојко Борисов објави дека разговарал за ова прашање со неговиот колега во Скопје, Зоран Заев.

-Ние секогаш сме подготвени да им помогнеме на нашите најблиски соседи и пријатели. Ова му го кажав на премиерот Зоран Заев, кој ни се заблагодари за нашата подготвеност да им помогнеме обезбедувајќи вакцини против ковид-19. Ситуацијата е навистина тешка и ние мора да се поддржуваме едни со други и да бидеме солидарни. „Животот на секого е најважен и ние ќе вложиме максимални напори да го зачуваме, напиша премиерот на својот официјален Фејсбук профил.

Тој го објави и постот на Заев од вчера, во кој тој се заблагодарува за хуманиот гест на Борисов и бугарскиот народ.

-Со оваа одлука, вакцините против ковид-19 ќе пристигнат во Бугарија во исто време како и кај другите земји-членки на ЕУ. Бугарија, како членка на ЕУ, имаше привилегија да преговара директно со голем број производители , коментираше вчера министерот за здравство Венко Филипче, кој по овој повод присуствуваше на состанокот на Советот на министри во Софија.

„Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација наскоро ќе го започнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да можеме да вакцинираме од 60 до 70% од населението. Според информациите од здравствените власти во Република Бугарија, најпрво во Софија ќе стигне вакцината на Фајзер, потоа на Модерна, па на Астра Зенека, напиша Филипче на Фејсбук.

Ова се случува наспроти позадината на политичките тензии меѓу Бугарија и Северна Македонија, по бугарското вето на пристапните преговори за членство во ЕУ, објавуваат бугарските медиуми.

Поврзани новости