Борисов: Бугарските комунисти контролирани од сталинистичка Москва ги принудија Бугарите во Македонија да се нарекуваат Македонци

by Fokus

Бугарскиот премиер Бојко Борисов во интервју за „Франкфуртер алгемејне цајтунг“ изразува загриженост за спорот со Македонија.

На новинарско прашање дали има излез од овој ќор-сокак, во време кога Германија би сакала да ги започне разговорите за пристапување во ЕУ со Северна Македонија за време на нејзиното претседателство со Советот, но Софија се заканува со вето, Борисов вели дека проблем меѓудругото, се тврдењата за македонско малцинство во Бугарија.

-Единствената земја што би сакала почеток на пристапни преговори со нашата соседна република дури и повеќе од Германија е Бугарија. Но, за мене беше големо изненадување што неодамнешната резолуција на Европскиот парламент за Бугарија го покрена прашањето за наводно македонско малцинство во Бугарија. Во Бугарија нема македонско малцинство. Какво македонско малцинство треба да има во Бугарија? И бидејќи социјалистите во Бугарија гласаа за резолуцијата во Европскиот парламент, тие очигледно исто така веруваат дека такво малцинство живее со нас. Наместо да водиме позитивна дебата за европскиот пат на Република Северна Македонија, сега одиме кон една сосема поинаква дебата. Морам да кажам дека навистина сум загрижен за овие случувања, вели Борисов.

На забелешката од новинарот дека никој од македонските владини претставници нема побарувања за малцинствата, Борисов вели:

-Можен е компромис. Посветен сум на ова со сите сили. Правиме што можеме за нашата комисија на историчари да најде компромиси. Отсекогаш сум велел дека иднината е важна. Но, исто така треба да знаете историја. По Втората светска војна, бугарските комунисти и комунистичката интернационала контролирани од сталинистичка Москва, сакаа Бугарите во Македонија да ги претворат насилно во Македонци од идеолошки причини. Бугарите таму беа принудени да се нарекуваат Македонци. Доколку се појават одредени погрешни прикази во текот на процесот на пристапување во ЕУ, а јас не реагирам, моите политички противници ќе речат: Борисов ја продава бугарската историја и се поклонува на притисоците од европските партнери, вели Борисов.

Поврзани новости