Борбата за „Дрисла“ трае седум години, а изборот на концесионер ќе „смрди“ уште долго

by fokus

Борбата за најголемата скопска депонија Дрисла, поточно за милионскиот бизнис, која трае веќе седум години, повторно се закочи. Наместо за овој период депонијата да прерасне во еколошки парк, и понатаму е само еколошка бомба, која ги труе скопјани, а се чини дека така ќе биде и во догледно време, бидејќи во градот со месеци се одложува изборот на новиот концесионер.

Имено, концесијата во 2012 година градот Скопје, на чело со градоначалникот Коце Трајаносвки, му ја додели на италијанскиот конзорциум ФЛЦ „Амбиенте“ и „Униеко“, а конкурентната „Шолц“ од Германија со години правдата ја бараше на суд.

Во јули годинава Вишиот управен суд донесе мериторна одлука според која требаше да се окончи долгогодишниот спор меѓу компаниите, бидејќи му се наложи на Град Скопје повторно да направи бодување  и да одлучи кој ќе биде концесионер. Во игра се двете завојувани страни, актуелниот концесионер од Италија ФЛЦ „Амбиенте“ и германскиот холдинг „Шолц“, а во игра се враќа и австриската АСА „Интернешнел“.

Но наместо Градот конечно да го избере новиот концесионер, постапката тапка во место, бидејќи италијанскиот конзорциум барал повторување на судската постапка.

-Бараме повторно судење бидејќи приложивме нови докази,односно полномошното на адвокатната на Шолц е издадено од поранешен управител, кој веќе со години не е на таа позиција, ни изјави Љупчо Шврговски, правен застапник на ФЛЦ „Амбиенте“.

Од германската компанија „Шолц“, пак не брифираат дека во изминативе години тие го ширеле бизнисот, од аквионерско друштво станале холдинк, па поради тоа имало и смена на позиции. Сепак истакнуваат дека стариот управител и понатаму имал задача да го истера процесот со „Дрисла“, односно дека тие и понатаму се заинтересирани за депонијата. Па затоа за нив, овој обид на нивниот конкурент е само купување на време.

Од „Шолц“, очекуваат дека конечно тие ќе ја добијат депонијата и ќе се стави крај на оваа долгогодишна битка. Тие и понатаму тврдат дека италијанскиот конзорциум го нема потребното искуство за работа во дејноста со отпадот, поради што и ја почнале правната битка.

Од таму појаснуваат дека конзорциумот ФЛЦ „Амбиенте“ и „Униеко“, воопшто не смееле да ја добијат депонијата, бидејќи за „Униеко“ нема доказ дека е регистриран за депонирање на отпад, дополнувајќи дека во моментот се наоѓа и во ликвидација, а ФЛЦ „Амбиенте“, иако на два дена пред истекот на рокот за поднесување на документите, навистина била регистрирана во оваа дејност, сепак била неактивна во прометот. Затоа, велат дека потврда за упис во Службата за регистрација на фирми од Стопанската комора на Фрозиноне, Италија, која ја поднеле, е доказ само за тоа дека фирмата била регистрирана, но не и активна.

Како поткрепа на тврдењето во судската постапка поднесуваат доказ, односно тековна состојба за ФЛЦ „Амбиенте“ издадена на 13.7.2012 година од Стопанската комора на Фрозиноне, на која пишува дека правното лице е неактивно претпријатие.

Дека е активна, италијанската компанија поднела доказ, но со датум од пред една година.

Тоа што заинтересираното правно лице станало активно во 2017 година никако не може да значи дека во време на поднесувањето на понудата, истото било активно и ги исполнувало тендерските услови, реагираат од „Шолц“.

Според тендерското досие, од фирмите што се натпреваруваа, Градот бараше да прикажат годишен профит од најмалку 20 милиони евра и минимум годишен обрт од 250 милиони евра за последните пет години. Фирмите, исто така, мораше да покажат дека се занимаваат со менаџирање на отпад во последните седум години и дека се способни да третираат 300.000 тони смет годишно.

Управниот суд во својата последна пресуда утврдил дека победничкиот конзорциум не доставил доказ дека работеле со отпад, туку „Униеко“ се занимавала со градежништво и производство на цигли, а ФЛЦ „Амбиенте“ реално немала и што да понуди како доказ, бидејќи за таа дејност била регистрирана два дена пред истекот на продолжениот рок за аплицирање на тендерот. Поточно, во времето кога течел првиот рок од тендерот, во јануари 2012 година, фирмата воопшто не била регистрирана. Рокот потоа бил продолжен од градскиот Совет по барање на еден од понудувачите.

Исто така, според судската одлука, оваа компанија не доставила ниту доказ за финансиската состојба.

На последната судска одлука многу не се израдува ниту градоначалникот Петре Шилегов, бидејќи тој сакаше Градот самостојно да го избере концесионерот, но не да избира меѓу двете завојувани страни, и дополнителната трета, австријците, туку под нови услови да распише нов тендер на кој ќе се борат повеќе компании.

Ваквото барање од градот го аргументираа дека денес технологијата, во однос на отпадот е отидена далеку понапред од понудената, па сигурни се дека ќе најдат подобар концесионер.

Додека да падне одлуката кој да биде новиот концесионер, „Дрисла“ и понатаму работи на стариот начин кој загадува. Во 2012 година кога се избра концесионерот, италијанскиот конзорциум „ФЛЦ Амбиенте и „Униеко“, визијата на тогашниот градоначалник Коце Трајановски беше дека до 2016 година Дрисла ќе стане модерна европска депонија и ќе работи по стандардите на италијанската депонија „Белведере“, која од ѓубрето прави струја. Но, новите стопани, освен што заѕидаа десетина тули, правејќи постројка за новата медицинска печка, која сѐ уште ја нема, сѐ друго оставија како што си беше. А, според договорот, за четири години требаше да инвестираат дури 80 милиони евра!

Валентина Вурмо

Поврзани новости