Бонева се пожали дека и биле повредени човековите права

by fokus

Силвана Бонева која денеска поднесе оставка од Државната изборна комисија по притисокот од јавноста поради земениот бонус за изборите, во оставката поднесена до Собранието вели дека станала мета на излив на бес на јавноста, а и биле и повредени основните човекови права.

-Отсуствуваше расправа и  реакција и од страна на Собранието на Република Македонија, кое не избра со 2/3 мнозинство на гласови, па без да се знаат фактите и Законот, станавме мета на излив на бес на јавноста, посебно насочен кон мене, со клевети, лаги и шпекулации. Бруталните навреди, клевети, закани по живот преку социјалните мрези и некролози за мене на електричните столбови низ Струмица, е целосна повреда на моите основни човекови права, честа и угледот, а се во име на демократијата, правната држава и гласот на народот. Со ваквата хајка се урниса и достоинството на институцијата – Државна изборна комисија на Република Македонија, како највисок државен орган кој е задолжен не само за спроведување на избори, туку и за спроведување на референдуми на државно и локално ниво. Од овие причини, а заради зачувување на мојот личен интегритет како човек, ја поднесувам оваа оставка и Ви благодарам за досегашната искажана доверба, вели Бонева во оставката.

Таа додава дека од изборот па се до денес, совесно, одговорно, согласно закон и со целосно нејзино ангажирање ја извршувала функцијата.

Поврзани новости