„Бомбите“ ќе бидат само индиции во истрагите, дали ќе пропаднат дел од предметите на СЈО?

by fokus

„Бомбите“ односно незаконски прислушуваните материјали кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев ги предаде во Специјалното јавно обвинителство ќе бидат докази само во случаите за кои се покренати обвиненија до 30 јуни 2017 година, односно 18 месеци од предавањето на материјалите, во истрагите ќе бидат индиции, а во предистрагите нема да се користат ниту како индиции.

Ова го предвидува членот 110 од законот за јавно обвинителство до кој дојде „Фокус“ којшто синоќа беше усвоен на владина седница откако во него беа вградени барањата на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ која треба да го обезбеди двотретинското мнозинство за носење на законот во Собранието.

„Материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и истите не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог “

„Сите останати материјали и транскрипти од незаконско прислушуваните материјали кои не се предадени како докази во судовите и кои не се дел од предметите кои се во фаза на истрага  не можат повторно да се преслушаат и да се употребат во било која постапка и се уништуваат во рок од три месеци по завршување на постапките по вонредни правни лекови, се вели во дел од членовите на законот“

Доколку се изгласа ова законско решение тоа би значело дека „бомбите“ нема да се користат како докази, туку само како индиции во случајот „Империја“, каде првообвинет е бизнисменот Орце Камчев, кој пак клучен сведок во случајот „Рекет“ против поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева. Освен „Имеприја“ „бомбите“ нема да бидат докази ниту во случајот „Попис“ против лидерот на ДУИ, Али Ахмети, случајот „Моќник“, против пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски и други случаи покренати по спорниот рок. Сепак обвинителите на СЈО тврдеа дека за дел од случаите освен „бомби“ имаат и други докази.

Законот предвидува ќе почне со примена на 30 јуни 2020 година. Ова се само дел од вградените одредби од законот на педесетина страници. За законското решение се преговараше повеќе од една година. Овој текст не е финална верзија, официјалниот текст на законот се уште не објавен на страницата на Собранието.

Ф.Ф.С. 

Поврзани новости