Болсонаро уште не го признава поразот на претседателските избори во Бразил

by Fokus

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро денеска не го призна поразот на изборите, но сепак го овластил началникот на Генералштабот на бразилската армија да го покрене процесот на трансфер на власта.

Во кусото обраќање, прво од поразот на изборите пред два дена, Болсонаро воопшто не ги спомна изборните резултати, но истакна дека ќе продолжи да ги почитува правилата на Уставот.

Болсонаро ја загуби неделната изборна трка со тесна разлика, освојувајќи 49,1 отсто од гласовите наспроти 50,9 отсто колку што освои противкандидатот на левицата Лула да Силва.

Тоа беше најтешката претседателска трка од враќањето на бразилската демократија во 1985 година, и првпат Болсонаро да загуби избори во неговата 34-годишна политичка кариера, вклучувајќи ги тука и седумте трки за мандат во Долниот дом на бразилскиот Парламент.

Слично на поранешниот американски претседател Доналд Трамп кому Болсонаро отворено му се восхитува, сега веќе поранешниот екстремно десничарски претседател постојано ја доведува во прашање веродостојноста на изборниот систем, без притоа да обезбеди каков било доказ дури и кога тоа ќе го наложи судот.

Изминатите денови неговите поддржувачи блокираа стотици платишта низ Бразил, а Врховниот суд денеска и нареди на полицијата веднаш да ги отстрани блокадите. Полицијата соопшти дека досега отстранила 306 блокади, но дека се уште има повеќе од 260 блокирани сообраќајници.

Стравувањата од ескалација на ситуацијата се зголемуваат, кога левичарското „Движење без земја“, инаку клучен сојузник на Да Силва, упати повик до своите активисти да организираат демонстрации и да ги блокираат патиштата.

Болсонаро ужива широка поддршка од полициските сили, а Работничката партија на Да Силва го обвини Болсонаро дека во кампањата ја ангажирал полицијата да создава сообраќаен метеж и да ги одвраќа луѓето да гласаат на денот на изборите. Видео-снимки објавени преку социјалните мрежи покажуваат дека имало случаи властите да запираат автобуси.

Поврзани новости