Во Македонија не постојат натпревари во бокс за жени и колку и да има таленти и заинтересирани за овој спорт, единствено можат да се занимаваат со него како хоби.
Да ги покажат своите способности и талент, да освојуваат награди и медали, да ја претставуваат земјата надвор од нашите граници – тоа се уште не е можно, најверојатно поради незаинтересираност на спортските институции и можеби предрасудите дека се работи за исклучително машки спорт – тврди Емилија Димитриевска (30) од Скопје, која е една од ретките жени кај нас која е посветена на боксот.
Таа вели дека веќе шест години тренира бокс со својот личен тренер Роберт Варга, но се останува само на добра кондиција, време исполнето со спортот кој го сака, и за жал, нема со кого да ги измери силите и да ги покаже умешностите стекнати со тек на годините.
-Се пробав во повеќе спортови, но единствено во женскиот бокс се пронајдов. Искрено, има многу малку девојки кај нас кои тренираат бокс, но сепак, постоиме. Јас лично тренирам по три, четири, а некогаш и пет пати во неделата. Проблемот е што во Македонија женскиот бокс како да не постои, како да е една табу тема, нешто забрането. Верувам дека доколку се направи некое здружение, федерација, било што, бројот на заинтересираните секојдневно ќе се зголемува. Дури и машкиот бокс на некој начин е фрлен во сенка. Знам дека во минатото поранешниот премиер Никола Груевски најави помош за стимулирање и враќање на популарноста на машкиот бокс кај нас, не знам колку неговите мерки беа од помош, но би му предложила како на поранешен боксер во лесна категорија, сега кога веќе не е премиер и веројатно има повеќе слободно време, да помогне малку и околу женскиот бокс во земјава. Сигурно има искуство и познавања околу темава, па затоа отворено му нудам идеја да направи нешто што ќе биде од корист на целата нација. Се гледа по начинот на кој тој оди, по неговите движења, дека тоа боксерското останало во него, па му предлагам да се сврти повторно кон овој спорт, да се заангажира за негова промоција, враќање на популарноста и секако да се срушат предрасудите дека боксот е само за мажите – вели Димитриевска.
Таа раскажува дека во Боксерската федерација на Македонија има околу дваесет боксерски клубови, но нема ништо конкретно во ниту еден клуб за жените кои се интересираат за овој спорт.
Вели дека не слушнала дека постои Македонска боксерска репрезентација која ја претставува земјава и која зема учество на сите турнири и се бори за места на меѓународни првенства.
-Боксот е олимписки спорт кој за жал кај нас е фрлен во сенка. Потребно е да имаме национална лига и за мажи и за жени, да се инвестира во него, да се поттикнат сите заинтересирани, без разлика на полот, да се стимулираат со награди. Во светот женскиот бокс е доста популарен, има многу публика на натпреварите, и треба да се работи на негова популаризација и кај нас – изјави Емилија.
Позначајни резултати во областа на боксот кај нас се бронзениот медал на Мумин Вели во 2006 година на Европско првенство за сениори во Пловдив, соседна Бугарија, неговиот бронзен медал во 2008 година исто на Европското првенство за сениори и бронзениот медал на Фатлум Жута во 2013 година на Медитерански игри за сениори во Турција.
Вики Клинчарова