Боки 13 пред Апелација: Русковска е адвокат на две мафии во Македонија

by fokus

Јас не ја сметам Вилма Русковска за надлежен јавен обвинител, туку  адвокат на две мафии во Македонија, рече обвинетиот во случајот “Рекет”, Бојан Јовановски пред судиите од Апелацискиот суд.

Во речиси целото негово образложение на жалбата со која бара да биде пуштен во притвор, главниот акцент Јовановски го стави на обвинителката Вилма Русковска. На судиите од Апелација им порача да не се плашат од, како што рече, невкусниот речник на Русковска, алудирајќи на пораката која му ја испрати Русковска на судијата Јани Нича, дека ќе ги тресе од гаќи. Токму Нича е претседател на судечкиот совет кој ќе одлучува за притворот на Јовановски, а Русковска ја налути кога ја пушти од притвор поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

-Истото ми се случуваше и мене  во истражната постапка. Јас сум единственото лице кое не е испитано од јавниот обвинител, бев уценуван од јавниот обвинител да кажам дека Катица Јанева е виновна.  Ми рече дека сака да ја бетонира Фросина Ременски бидејќи е пратеник, но нема доволно докази па јас тоа да го потврдам, рече Јовановски. Тврдеше дека Русковска му се заканувала дека ќе одговараат и неговиот татко и неговата асистентка.

Јовановски рече дека ќе бара меѓународна истрага за овој случај и обвини дека Русковска го пуштила обвинетиот Зоран Милевски Кичеец во куќен притвор наводно поради здравствена состојба, а всушност го пуштила дека и дал снимки за предметот. Тоа според него е злоупотреба на службената положба од страна на Русковска.

Тој порача дека се чувствува дискриминиран бидејќи еден од аргументите да му биде одреден притвор е тоа што нема засновано потесно семејство, тоа што нема недвижен имот и не вработен.

-Моја лична определба е дали ќе заснован потесно семејство. Таа реченица е директен говор на дискриминација никој не може во мене име да кажува дали треба да имам семејство. Има многу високи политичари кои имаат синови и ќерки, а се во бегство , рече Јовановски.

Целиот случај “Рекет” го нарече конструкција и операција, а не кривично-правен настан. Во однос на тоа дека бил невработен, Јовановски рече дека тој бил формално правен прокурист во 1 ТВ  која била затворена поради овој случај. Тврди дека иако нема имот, тој е сопственик на 16 региатрирани трговски марки, а како најважен момент го спомена тоа што не поседува имот во странство.

-Мене менталниот склоп не ми дозволува да избегам. Мене не ме плаши евентуалната закана за казна бидејќи се чувствувам невин и обесправен и тоа ќе го докажам. Немам формирано семејство, но сум син единец и сум близок со моите родители. Секој ден кај нив сум, рече Јовановски.

Тој ја објаснуваше неговата здравствена состојба и рече дека кога бил во болница бил исфрлен предвреме како куче. Неговиот родител кој досега му носел храна идниот петок ќе одел на операција, па тој ќе мора да гладува бидејќи не смее да јаде од затворската храна.

– Се прикажува дека јас сум најголемиот злосторник, небаре сум ги украл парите на граѓаните, а оние кои ги украдоа се на слобода, рече Јовановски.

Тој денеска понуди гаранција од над 140 илјади евра за да излезе од прирвор. Како гаранција нуди дел од куќа во сопственост на негов прв братучед кој е парализиран од сообраќајна несреќа и локал во сопственост на мајка му.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости