Боки 13: Пандорината кутија официјално ја отварам од овој момент

by fokus

На крајот на денешното рочиште за случајот “Рекет”, Бојан Јовановски најави дека ќе ја отвори Пандорината кутија, за која зборуваше уште пред да биде уапсен, односно рече дека клучот е во негови раце.

Тој уште еднаш од судот побара јавноста да не биде исклучена кога ќе се слушаат снимките кои тајно ги снимил Зоран Милевски Кичеец. Обвинителството пак претходно најави исклучување на јавноста, бидејќи во дел од нив имало и приватни разговори.

-Пандорината кутија официјално ја отварам од овој момент. Покрај се барам јавноста да не биде исклучена за да се види вистинитоста на мојот однос со Зоран Милевски и манипулицијата на Милевски спрема мене. Ова е испод секое човечко достоинство, бидејќи досега не видовме докази, само сензација, рече Јовановски.

Тој тогаш се префрли на друга тема, па почна да зборува за својата здравствена состојба, но судијката го прекина, и рече дека не му дозволува во доказна постапка да зборува за своето здравје, бидејќи 17 лекари рекле дека нема рак.

Боки и возврати: “Ве молам да не ми се дерете”.

Потоа Боки 13 се врати на коментирањето на снимките, па рече дека од овој доказ ќе се види зошто Кичеец бил пуштен во куќен притвор.

Снимките да бидат јавно презентирани побара и Катица Јанева, која рече дека од нив јасно ќе се види кој барал рекет и кој нудел поткуп.

Судењето е во тек.

В.В.

Поврзани новости